Третиот ден од месец септември е последен пат кога лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун е виден во јавноста. Го нема повеќе од еден месец, а растат шпекулациите за состојбата со неговото здравје како и неговата политичка положба.
Според вообичаеното, државните медиуми во Северна Кореја постојано пренесуваат каде се движи и какви активности презема Ким Јонг Ун, но вести за него нема од 3. септември.
Аналитичарите кои ги следат случувањата во Северна Кореја се во исчекување да видат дали младиот лидер ќе се појави на церемонијата за 69-годишницата од основањето на Работничката партија, која се случува утре.
– Доколку не се појави, тоа ќе ги засили шпекулациите дека севернокорејскиот лидер го зафатиле тешки времиња, од еден или друг тип, вели американскиот аналитичар Кертис Мелвин.
Според него, колку повеќе одминува времето а јавноста не го гледа, така ќе расте и загриженоста за неговиот статус.
Според американски експерти пак, „исчезнувањето“ на Ким Јон Ун нема никаква поврзаност со неговото здравје, туку се работи за политички проблем во земјата.
Сегашниот лидер на Северна Кореја ја води државата од 2011 година откако ја презеде власта по смртта на неговиот татко Ким Јонг Ил.