Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со потпретседателот Александар Николоски денеска во посета на Будимпешта оствари средба со премиерот на Унгарија и претседател на сестринската партија ФИДЕС, Виктор Орбан.
Според партиското соопштение, на средбата се разговарало за ЕУ интеграциите на Македонија. Претседателот Мицкоски го истакнал ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на македонскиот народ, како што се наведува во соопштението, дека интеграцијата била неопходна, но требало да биде достоинствена и со зачувување на идентитетските обележја на народот.
Забележано било дека Македонија и ЕУ ги очекува најтешката зима во историјата, со големи потешкотии на енергетски план, во снабдувањето со енергенси. Претседателот Мицкоски нотираше дека владата во Македонија не ги прави потребните чекори во справување со енергетската криза, не се обезбедуваат навремено јаглен, мазут, гас и нафтени деривати, туку кога ќе дојде пикот на кризата се даваат големи суми на пари неколкукратно над тоа што можело да се потроши ако на време се обезбеделе истите тие ресурси.Нотирани биле и предизвиците од мигрантската криза која била проблем како за Македонија, така и за ЕУ.

