„Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори, бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим, дека е заглавена во корупција и е на 111-то место. Според сите останати други скали на мерења, по број на странски инвеститори, по пад на економија, ние уназадуваме или сме на дното во регионот“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата Порше Македонија.
Според него, Владата цело време бара алиби за неуспесите, но јасно покажала дека не знае како, нема вештини и нема план како да ја води државата.
„Треба да има предвремени парламентарни избори, ново, стабилно владино мнозинство, но придобивките нема веднаш да дојдат преку ноќ. Треба многу работа, многу откажување, чесни луѓе и чесни политичари кои не се огрешени и заглавени во криминал за да можеме Македонија да ја извадеме на прав пат. Со овие луѓе нема иднина“, рече Мицкоски.
Додаде дека се работи, „да бидеме трпеливи“, да се почека, како и дека се можни предвремени парламентарни избори заедно со локалните.
Во меѓувреме, како што најави, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе поднесе закон за потекло на имотот на сите што се занимаваат со политика.
„Нека почнат од мене и моето семејство, ама втор да биде Зоран Заев“, изјави Мицкоски.