Скопското Обвинителство повторно нема одговор на прашањето до каде се со истрагата за загинувањето на Никола Младенов.
Ова е втор пат, после скоро 2 недели како НОВА се обидува да ја контактира обвинителка Жаклина Крстевска-Георгиевска, но секретарката во скопското обвинителство тврди дека обвинителката е на судење и оттука, комуникацијата стигнува само до секретарката.
Обвинителството го презеде предметот за Младенов на 11 април, после два дена откако истражниот судија Јосифов ја затвори истрагата и информираше дека веќе следната недела по преземањето на случајот ќе има информации од нивна страна, што тоа досега не се случи.
Постојат две опции: Обвинителството да го констатира претходниот заклучок на истражниот судија дека се работи за класична сообраќајна несреќа или доколку има поинакви индиции, дека се работи за насилна смрт, да побара дополнителна истрага после што би следувала класична кривична истрага.
Најинтригантен податок во оваа истрага е прашањето за мобилниот телефон на Младенов, за кој портпаролот на Кривичниот суд Владимир Туфегџиќ за НОВА, на 9 април рече не е предмет на анализа.
За листинзите од разговорите на мобилниот Туфегџиќ исто така рече дека не е информиран.
Изворите на НОВА, потврдуваат дека надлежните институции инволвирани во истрагата не контактирале со семејството на Младенов, ниту пак со неговите најблиски соработници.
Веднаш по загинувањето на Младенов, НОВА постави неколку прашања до истражните органи кои до денес не се одговорени:
-Како е можно Младенов да е лоциран преку мобилниот телефон, а телефонот да не е пронајден?
-Дали се побарани телефонските листи од неговите разговори непосредно пред несреќата за да се види каде бил Младенов?
-Зошто не се контактира со најблиските, од семејството и соработниците?
-Како е воден случајот од истражниот судија ако се имаат во предвид текстот во Нова Македонија во кој новинарите тврдеа дека самите наоѓале докази- белешки од патарини и делови од автомобилот.
Главниот и одговорен уредник Јадранка Костова исто така информираше дека нашла делови од Мерцедесот на Младенов, заедно со Проф. Мимоза Ристова, која дополнително во дебата на НОВА ја анализираше истрагата, со оглед на фактот што е форензичар
-Како телото на Никола Младенов завршило надвор, на десетина метра од автомобилот и уште поапсурдната информација, како летнало од задното стакло? Експерти во јавноста веќе излегоа со тврдења дека праксата не познава излетување од задно стакло.
– Кога надлежните органи ќе ја покажат скицата на движење на автомобилот но и техничките перформанси на Мерцедесто за време на несреќата?
Начинот на кој е водена истрагата за Никола Младенов беше тема и во интервјуто на ВОА со Карин Карлекер од Фридом Хаус, за што вели дека Фридом Хаус e загрижена како властите постапуваат во такви случаи.