Еден од најинвентивните и највпечталивите германски театарски режисери Томас Остермаер со престижниот театар „Види“ од Лозана вечерва ќе ја изведат претставата „Галеб“ од Чехов, во рамките на 41.издание на МОТ.
Во неа, германскиот режисер започнува дијалог со Чехов за љубовта и театарот, по 20 век. Тој ги разоткрива предизвиците во секоја сцена, притоа одбегнува историска реконструкција со што излегува на виделина современата резонантност на ремек-делото од овој руски автор.
Инаку Остермаер е добитник на голем дел од најзначајните театарски признанија и неговите претстави се неизоставен дел од најпрестижните светски фестивали. Неговата приказна започнува во една мала сала во Берлин наречена Die Baracke. Thomas Langhoff, директорот на Deutsches Theater му го доверува и го поставува за управител на овој простор поврзан со големиот театар, каде што во тоа време се одржувале драмски читања и одредени изведби, но просторот немал свое конкретно раководство. Од 1996, Томас Остермаер го трансформира просторот наречен Die Baracke во истражувачки простор, чиј модел е преземен од највпечатливите искуства од 20-те и 30-те години во Москва: експерименталните студија на Мејерхољд и Станиславски.
Основната идеја била да може да се експериментира во услови на заштитеност под заштита на една голема институција како Deutsches Theater, со други зборови без обврска за успех. На почетокот, местото е замислено како простор за експериментирање во областа на актерската игра, но и како место што дозволува тестирање на новите драмски текстови. Тие се читани, одбирани, поставувани. Оттогаш, германскиот автор гаи интерес за новите драми, а експерименталната работа исто така, го научила да обрнува огромно внимание на преводите кога поставува странски текстови. Авантурата со Die Baracke завршува 1999 кога Остермаер застанува на чело на Schaubühne каде што ги поставува своите најзначајни проекти.
Организаторот потсетува дека според условите за вечерашната претстава, не е дозволено ниту фотографирање ниту снимање на истата.