Пишува Суад Бегановиќ, Прометеј, Босна и Херцеговина
Со некое доцнење зад светот, на Балканот во последно време социјалните мрежи се почесто се земаат како релевантен медиумски извор. Така прес конференциите на политичките партии често се читаат од Фејсбук статуси на политичките протагонисти кои на своите лични и јавни профили ги изнесуваат видувањата за некоја општествена појава.
Тоа истовремено со себе повлекува и прашање за релевантност, граници на приватното и јавното (земајќи во обѕир дека јавна личност на приватен профил може да испрати порака која во контекст на широката јавност има поинакво значење) тоа ја менува новинарската професија. Порано, голема медиумска платформа како што е Русија денес се обиде да го крене прашањето за релевантност, брзина и модерни текови на информирање. Имано, знаејќи дека информациите течат побрзо преку социјалните мрежи, а сакајќи да се изгради како медиумски сервис кој секогаш прв објавува вести Русија денеспосегна по едноставно решение на цитирање на Твитер на сопствениот автор. Така извештаите од Сирија беа во краток формат каде паднала бомба, колку загинати има и евентуална слика од лице место. Прашањето на релевантност го решиа со тоа што ги цитираа сопствените дописници, а брзината им ја овозможи Твитер. Во случајот да немаа свои дописници, цитираа фриленс новинари со нивна дозвола. Тие вести ги објавуваа на својот портал со краток вовед.
Таквата практика се покажа како успешна во смисла на брзина на известувањето. За точноста на информациите се уште се водат полемики. Имено, знаело да се случи поради желба за што побрзо известување да се дадат непотполни информации. А тоа значи дека со непотполните информации се дава друга слика наместо онаа што е. Тоа е типично лажно известување, не е ни дезинформација, но е доста поинаков осврт на состојбата.
Со речиси истиот проблем се соочуваат и овдешните новинари. Потребата постојано да се има медиумска содржина ги тера новинарите да цитираат претежно Фејсбук статуси со обѕир дека Твитер не ужива голема поддршка во јавноста. Телевизијата Н1 најчесто ги цитира сопствените автори од Твитер кои имаат профили јасно означени како новинарски профили на наведените репортери. Во случаи на други јавни личности кои не се дел од новинарската екипа, често Фејсбук статус се наведува како извор за фотографија, некоја изјава и слично.
Уредничката и новинарка Една Латиф во тоа не гледа голем проблем.
– Неретко се случува да се налета како на нагазна мина на некоја дезинформација, но тоа е сосема нормално. Бидејќи дури и кога новинарот за извор има живи зборови од соговорникот кој го чува под ветување за анонимност, се случува намерно да бидат пласирани дезинформации. Колкава и да е опасноста од социјалните мрежи како извор на информации, толкава е и од живите соговорници –
Понатаму, истакнува Латиф, во случајот на Фејсбук извори, како и живите соговорници, точноста може дополнително да се провери. Фејсбук се користи како канал, смета таа.
Јасна Дураковиќ во изјава за Медиа.ба смета дека Фејсбук и социјалните мрежи се предност која се користи заради брзина на објавување, како и фактот дека медиумите така се попристапни за самата заедница.
Сепак смета таа: „Со целосна свесност за важноста на социјалните мрежи, сметам дека сериозните медиуми не би требале премногу да се потпираат на се што ќе прочитаат на социјалните мрежи без претходна филтрација на информациите, изворите и проверка на истите. Во тој контекст можеме да речеме дека не треба социјалните мрежи да се ставаат како примарни извори на информации, бидејќи тие не се секогаш релевантни и кредибилни, туку да се насочи фокусот кон користење на социјалните мрежи кои на новинарите би требале повеќе да им служат за пронаоѓање контакти, стучни лица, воспоставување комуникација со изворот, пронаоѓање идеи за новинарски приказни и слично.“
Фејсбук така служи како канал за пронаоѓање контакти, но се почесто тоа се претвора во злоупотреба. Имено, фотографиите на приватните профили на било која личност припаѓаат на корисникот на профилот. Медиумите во повеќето случаеви ги преземаат тие фотографии без дозвола. Поради масовноста, слабата контрола и отсуство на новинарска етика, таа практика е исклучително расширена и без никаква казна. Со тоа понекогаш се изложени и други членови на семејството.
Често таквата практика произведува и реакција, односно демант, кој медиумите се должни да го објават. Така во демантите се наведува дека ставот е кажан во тој статус е личен став на корисникот на профилот, дека не може да биде земен како официјален и медиумите задираат во приватноста која тие корисници на Фејсбук ја дозволуваат само на пријателите. Дополнително, таквата расправа одвлекува внимание од она што е речено и се пренасочува во прашање на слободата, приватноста, авторските права и слично. Најтежок случај на вакви злоупотреби се среќава во политичките пресметки.
Без регулација на оваа појава од страна на здруженијата на новинарите, властите и законските норми, практиката на преземање на Фејсбук статуси како релевантни извори ќе се продолжи чекајќи сериозен проблем на повреда на приватноста кој ќе доведе до решавање на овие проблеми. Засега останува парафразата: секој статус може и ќе биде употребен против тебе во медиумите.

