По повод 70 години од раѓањето на еден од најголемите македонски драматурзи и писатели, Горан Стефановски, на дел од фасадата на ООУ „Коле Неделковски“ на „Боемска улица“ 2 во Дебар Маало денеска е претставен исцртаниот мурал со неговиот лик.
Во паркчето спроти општинските бараки (кај Спомен-обележјето на Горан Стефановски), се изведе драмскиот перформанс Маалски драмски разговори, со кој и ќе заврши овогодишното одбележување на роденденот на Горан Стефановски.
По повод јубилејот денес свое онлајн обраќање имаше и неговиот син, Игор Стефановски, кој преку Здружението за промоција на културното наследство на Горан Стефановски, направи годишен осврт на проекти и дела поврзани со зачувувањето на делото на драматургот.
Тој се осврна и на претставата „Моето име е Горан Стефановски“ која се игра во Драмскиот театар, а претставува омаж и мета приказна од текстови на Стефановски кои не биле поставени во театарот.
„Среќен 70-ти стари, сигурно на ваков ден ќе те зафркавав дека влегуваш во нова декада, а ти ќе кажеше дека уште се чувствуваш како да имаш 18. Те сакам“, гласеше одјавата на Игор Стефановски.