Министерството за внатрешни работи соопшти дека неговите надлежни служби преземаат сеопфатни плански мерки и активности по пристигнатите пријави за наводно поставени бомби утрово во училишта низ државава.
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување, информира МВР.
Напоредно со ова, наведува Министерството, се врши и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството.
Согласно досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави. Воедно, Министерството за внатрешни работи повикува и апелира за смиреност во јавноста и воздржување од ширење дезинформации околу ваквите настани што инаку вчера беа евидентирани и во други земји во регионот, се наведува во соопштението на МВР.