Локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава и досега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, изјави на прес-конференција портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Гоце Андреевски.
Сепак, како што рече, МВР постапува по одредени пријави и инциденти поврзани со изборниот процес.
Тој информираше дека во 9 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници лишиле од слобода две лица од Крушево – Б.Х.(72) и Д.С.(36), во врска со кривично дело поткуп при избори и гласање.
Во врска со истиот настан, од МВР соопштија дека во прилепската полициска станица повикани се и пет други лица од Крушево со престој во Прилеп.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, рече портпаролот.

