Манила: Најмалку две лица загинале во земјотресот со јачина од 7,4 степени што го погоди филипинскиот остров Минданао, соопшти службеник од регионалната служба за цивилна заштита.
Карло Пуерто, службеник за информации во службата за цивилна заштита во регионот Давао, изјави телефонски дека двајцата загинати се од градот Мати, во провинцијата Давао Ориентал.
Земјотрес со јачина од 7,6 степени денеска го погоди јужниот филипински регион, предизвикувајќи луѓето да бегаат од зградите и поттикнувајќи ги властите да издадат предупредување за цунами.
Земјотресот се случил во 9:43 часот наутро крај брегот на покраината Давао Ориентал, околу 1.000 километри јужно од Манила, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs).
– Очекуваме штета и последователни потреси, изјави директорот на Phivolcs, Тересито Баколкол.
Жителите на крајбрежните подрачја во седум покраини беа „строго советувани веднаш да се евакуираат на повисоки терени или да се придвижат подалеку кон внатрешноста“, стои во предупредувањето за цунами на Phivolcs.
Додека Phivolcs ја процени јачината на земјотресот на 7,6 степени, Американската геолошка служба (USGS) пријави јачина од 7,4 степени.