Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Најновите лажни наративи на Кремљ: Енергијата како оружје, дезинформациите како фронт

0
By Zoran Ivanov on March 23, 2026 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Monday, March 23, 2026 14:30

Разобличување на координираната дезинформациска кампања што ја претставува Украина како „несигурен партнер“, со цел да се поткопа европската солидарност и да се прикрие руската агресија.

Џабир Дерала

Безброј пати е напишано и кажано и веројатно исто толку пати заборавено дека Кремљ води војна на повеќе фронтови истовремено. На 1000-километарскиот фронт доживува загуби со колосални размери. Паралелно со воените дејствија на фротнтот, Кремљ води и геноцидна војна против цивилите. Истовремено, води војна и против фактите –интензивна, систематска и добро координирана информациска војна против Европа.

Цивилната енергетска инфраструктура е една од клучните цели на руската воена машинерија. Со уништувањето на електрани, гасни постројки и транспортни системи, Кремљ се обидува да го скрши отпорот на Украина – но и да ѝ зададе удар на Европа. Сепак, тука не станува збор само за гасоводи, нафтоводи и електрани. Станува збор и за наративи. Во овој прилог се разгледуваат начините на кои рускиот агресор, не само што ја уништува украинската енергетска инфраструктура физички, туку ја инструментализира енергетската нестабилност за да ја изолира Украина и да ја осуети солидарната поддршка за нејзината борба за слобода.

Во последните неколку месеци, руската пропагандна машинерија засилено пласира дезинформации со јасна цел: да ја префрли вината за енергетската нестабилност врз Украина, да ја прикаже како несигурен партнер и да го разниша единството меѓу европските демократии. Овие наративи се дел од поширока стратегија за хибридно влијание.

Шемата е препознатлива. Жртвата се прикажува како виновник, агресорот како рационален актер, а реалноста се заменува со внимателно конструирани дезинформациски конструкции кои се локализираа и се вградуваат во јавната комуникација како да се изворни.

Долгогодишна практика на Кремљ е да ја користи енергијата како геополитичко оружје, помогната надградена со дигитални алатки, координирани медиумски кампањи и мрежи на локални и регионални преносители на дезинформации, како што се дел од земјите на Балканот, Унгарија, Словачка и радикално десни и леви структури во западните демократии.

Користењето на енергијата како геополитичко оружје е долгогодишна практика на Кремљ. Денес, таа стратегија е надградена со моќна, повеќеслојна пропагандна машинерија – засилена со дигитални алатки, координирани медиумски кампањи и разгранети мрежи на локални и регионални преносители на дезинформации. Овие мрежи се активни и во делови од Балканот, Унгарија и Словачка, но и преку радикални политички и идеолошки структури во западните демократии.

Во вакви услови, разобличувањето на овие наративи е прашање на демократска отпорност и безбедност на државите. Во продолжение, анализираме четири дезинформациски наративи кои се дел од актуелниот репертоар на Кремљ – насочен кон поткопување на довербата, предизвикуваат замор кај јавноста и слабеење на поддршката за Украина. Нивната анализа покажува не само што е неточно, туку и зошто овие лаги се пласираат – и какви последици имаат.

Дел од овие наративи, како и нивните варијации, веќе се присутни во изборни кампањи, јавни настапи на политичари, „неутрални“ анализи и колумни, како и во медиумски содржини што се пласираат како „објективни размислувања“ на социјалните мрежи и интернет порталите. Во некои случаи, тие дури продираат и во главните вести на јавните сервиси и мејнстрим медиумите – особено таму каде што постои политичко усогласување на прокси-структурите со Кремљ.

Овие наративи следат јасна структура: започнуваат во државните руски медиуми како TASS или RIA Novosti, се преземаат и адаптираат од прокси-платформи и мрежи, а потоа се прелеваат во социјалните мрежи, локални медиуми и „алтернативни“ канали – често маскирани како легитимни западни извори или „независни анализи“.

Според анализите на украинскиот Центар за спротивставување на дезинформации (CCD) и платформата EUvsDisinfo на Европската служба за надворешни работи, овие наративи се дел од координирана кампања засилена во текот на 2026 година, со цел Украина да се прикаже како „несигурен партнер“ и да се еродира поддршката од Западот. Според мониторингот на ЦИВИЛ, овие наративи се веќе длабоко вградени во медиумскиот пејсаж на Западен Балкан и поширокиот регион, каде што се репродуцираат и адаптираат како локални „автентични“ позиции.

Лажен наратив #1: „Енергетската уцена на Украина им се заканува на Европејците“

Овој наратив е класичен пример за инверзија на реалноста – техника карактеристична за руската пропаганда, во која жртвата се претставува како виновник, а агресорот како рационален и одговорен актер.

Руските медиуми, на пример, тврдеа дека нафтоводот „Дружба“ функционира нормално и дека прекините се резултат на „политичка уцена“, иако штетата беше предизвикана од руско гранатирање во близина на Броди.

Фактите се недвосмислени.

Русија систематски спроведува енергетски терор врз Украина, насочен пред сè кон цивилната инфраструктура и населението. Од почетокот на целосната инвазија, руските сили континуирано ги таргетираат електраните, гасните капацитети и транспортната инфраструктура, со цел да го парализираат функционирањето на државата и да ја скршат волјата за отпор.

Како резултат на овие напади, според официјални извори, Украина изгуби околу 11,5 GW енергетски капацитет, додека штетата во енергетскиот сектор се проценува на најмалку 24,8 милијарди долари. Овие бројки не се само статистика – тие претставуваат директен и реален удар врз животот на милиони луѓе.

Во вакви услови, обвинувањата дека Украина „ја уценува Европа“ не само што се неосновани, туку претставуваат свесна и планирана манипулација. Наместо да се признае одговорноста за уништувањето, Кремљ се обидува да ја префрли вината врз земјата што се брани.

Целта на овој наратив е повеќеслојна: да се поткопа довербата меѓу Украина и нејзините европски партнери, да се создаде перцепција дека Кијив е ризик за енергетската стабилност, и да се релативизира сопствената улога на Русија како главен извор на кризата.

Во суштина, станува збор за обид да се прикрие енергетската уцена што ја спроведува самата Русија – трансформирајќи ја во обвинување против Украина.

Лажен наратив #2: „Украина бара пари, оружје и воен персонал од Европа“

Овој наратив се обидува да ја прикаже Украина како „товар“ за Европа и да ја намали поддршката за нејзината одбрана.

Реалноста е дека Украина се брани од неиспровоцирана, целосна воена агресија од страна на Русија – агресија што ги прекрши сите клучни принципи на меѓународното право и го разниша европскиот безбедносен поредок.

Помошта што Украина ја добива – финансиска, воена и хуманитарна – не е „милостина“, туку инвестиција во европската и глобалната безбедност. Поддршката за Украина значи спречување на ширење на агресијата, дестабилизацијата и авторитарното влијание.

Дополнително, Кремљ намерно ги извртува фактите кога зборува за „воен персонал“, сугерирајќи директна вмешаност на европски армии – нешто што не е реалност.

Целта на овој наратив е да се замори јавноста во Европа, да се поттикне „замор од Украина“ и да се намали политичката волја за поддршка.

Лажен наратив #3: „Нафтоводот ‘Дружба’ нема технички дефекти – Украина ја уценува Унгарија“

Овој наратив има за цел да создаде тензии меѓу Украина и земјите членки на ЕУ, особено Унгарија, преку обвинувања за намерна саботажа.

Фактите повторно зборуваат поинаку.

Руските сили систематски ја напаѓаат енергетската инфраструктура на Украина. Од почетокот на целосната инвазија, нафтената инфраструктура била цел на напади повеќе од 400 пати. Еден од последните напади, на 27 јануари 2026 година, предизвика сериозни оштетувања на нафтоводот „Дружба“ во близина на Броди, вклучително и на клучната технолошка опрема.

Во такви услови, техничките прекини не се резултат на „уценување“, туку на воена агресија.

Целта на овој наратив е двојна: да се прикрие руската одговорност за штетите и да се поттикнат политички поделби во рамките на Европската унија.

Лажен наратив #4: „Кијив се обидува да го блокира снабдувањето со гас преку ‘Турски тек’ и ‘Син поток’“

Ова е уште еден пример на дезинформација без докази, насочена кон создавање недоверба кон Украина како транзитен партнер.

Украина нема ниту капацитет, ниту интерес да го блокира снабдувањето со гас преку овие гасоводи, кои не се под нејзина контрола. Напротив, стабилното снабдување со енергенси е и во интерес на Кијив, бидејќи директно влијае врз економската и политичката стабилност на регионот.

Обвинувањата од Кремљ се дел од поширока стратегија на информациска манипулација, каде што се создаваат измислени закани за да се прикрие сопственото користење на енергијата како геополитичко оружје.

Целта е да се создаде перцепција дека Украина е ризик за Европа, наместо да се препознае вистинскиот извор на енергетската нестабилност – руската агресија и нејзината долгорочна политика на енергетска уцена.

Вештачката интелигенција – дел од арсеналот

Дополнително, европските институции бележат драматичен пораст на содржини генерирани со вештачка интелигенција – вклучително и лажни видеа, манипулирани аудио записи и автоматизирани коментари – со цел да се симулира „јавно мислење“ и да се засили влијанието на овие наративи.

Но, улогата на вештачката интелигенција оди и чекор подалеку.

Како што покажуваат анализите на ЦИВИЛ меѓу кои е и „From Death Lament to Digital Seduction“, вештачката интелигенција не се користи само за ширење на дезинформации, туку и за нешто подлабоко – за подготовка на теренот. Преку естетизирана содржина, културни симболи и емоционално „безбедни“ пораки, се намалуваат критичките одбранбени механизми на публиката и се создава психолошка подготвеност за прифаќање на идните наративи.

Ова не е директна пропаганда. Ова е пред-пропаганда.

Во таков амбиент, границата меѓу фактите, емоцијата и манипулацијата станува сè понејасна – а влијанието сè посилно.

Лаги, сомнеж, парализа

Во суштина, овие наративи не се само лаги за привремено одложување на одговорот против агресијата – тие се дел од долгорочна стратегија. Стратегија на замор, на поделби, на релативизација под маската на „различни мислења“ и на постепена ерозија на демократското ткиво.

Кога лагата се повторува доволно често, таа почнува да звучи како убедлива вистина или, во најмала рака, создава сомнеж и парализа. А кога дезинформацијата ќе се вгради во јавниот дискурс, таа почнува да ги обликува политичките одлуки. За тоа да се постигне, потребно е долгорочно, стратешко влијание.

Затоа, одговорот не е само во разобличувањето. Тоа е одбрана на вистината како јавна вредност и како предуслов за слободата.

Во спротивно, не се губи само информациската војна. Се губи способноста да се препознае агресијата.

 Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк

 

Кремљ пропаганда џабир деракла
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Невреме во Хрватска – затворени училишта, паднати дрвја, навеви снег, колапс на јавниот превоз

March 27, 2026

Во главниот град на Бугарија се запленети околу еден милион фалсификувани евра

March 25, 2026

Трагедија во Турција – се урнаа две згради, во тек е спасувачка акција

March 22, 2026

Хрватска со итни мерки за нафтната криза

March 21, 2026

Кина му предложи обединување на Тајван во име на енергетска безбедност

March 18, 2026
ФОКУС
March 28, 2026

Кочани: Нов марш за Ангелите

ВЕСТИ March 28, 2026

Родителите на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, после паузата поврзана со одбележувањето на годишнината…

ЕБОР: Македонија меѓу најзагрозените од блискоисточната војна

March 28, 2026

Израел погоди нуклеарни објекти во Иран

March 27, 2026

Њујорк Тајмс: Трамп ја крие вистината за војната против Иран

March 27, 2026
ТИКЕР

Невреме во Хрватска – затворени училишта, паднати дрвја, навеви снег, колапс на јавниот превоз

March 27, 2026

Во главниот град на Бугарија се запленети околу еден милион фалсификувани евра

March 25, 2026

Трагедија во Турција – се урнаа две згради, во тек е спасувачка акција

March 22, 2026

Хрватска со итни мерки за нафтната криза

March 21, 2026

Кина му предложи обединување на Тајван во име на енергетска безбедност

March 18, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.