Србија денеска ја одржа една од најголемите воени паради во изминатите години среде антивладините протести, политичките поделби и регионалните тензии. Претседателот Александар Вучиќ кажа дека парадата не се организира за дневно политичките потреби, туку заради покажување сила за одвраќање на потенцијалните агресори.
На парадата „Силата на едниството 2025“, српската војска за првпат ги покажа израелските ракетни системи „ПУЛС“, дроновите „хермес 900“ и рускиот систем за електронско војување „красуха“.
По улиците на Белград се движеа колони на тенкови и оклопни возила, по реката Сава пловеа бродови на речната флотила, а меѓу многубројните летала на воената авијација се истакна францускиот борбен авион „рафале“.
Србија претстави и оружја од домашно производство, од кои некои се сѐ уште во развој.