Претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Петро Порошенко на претстојниот евроазиски самит во Италија ќе разговараат за украинскиот конфликт и снабдувањето со гас, соопштува Кремљ.
Како што пренесува агенцијата Ројтерс, Путин и Порошенко веќе оствариле телефонски разговор за начинот на кој би се воспоставил мир во источниот дел на Украина.
На собирот во Милано освен двајцата претседатели ќе присуствуваат и германската канцеларка Ангела Меркел, како и премиерите на Англија и Италија, Дејвид Камерон и Матео Ренци.
„Газпром“ во месец јуни ја стопираше испораката на гас во Украина, бидејќи Киев ги нема отплатено долговите во износ од над 5 милијарди долари.
Третина од своите потреби на гас, Европа ги добива од Русија, а половина од таа количина минуваниз Украина.
Украинскиот конфликт претставува најголемата криза во односите помеѓу Русија и Западот уште од крајот на Студената војна.