Јасмина Цицкариќ, мајка на 15 годишна средношколка со дијабетес, денеска на Светскиот ден на дијабетесот јавно праша кога ќе бидат набавени сензорите за децата и адолесцентите со дијабетес тип 1. За нејзината ќерка е многу важно честото контролирање на шеќерот во крвта бидејќи во адолесценција, хормоните силно влијаат на гликемијата.
Но,на нејзиното прашање немаше кој да одговори бидејќи министерот за здравство Венко Филипче си замина порано од настанот и не го слушна нејзиното прашање.
Сепак, новинарите успеаја да го прашаат кога ќе бидат набавени сензорите за децата со дијабетес, на што тој одговори дека уште не знае бидејќи се прават буџетите за следната година.
„ Мислам дека за кратко време ќе кажеме со колкава сума пари располагаме за да ги донесеме тие најсовремени апарати за мерење шеќер во крв посебно за децата“, изјави Филипче.
Сензорите за мерење на шеќерот во крвта се многу важни бидејќи на безболен начин овозможуваат да се следат параметрите. Во светот се употребуваат повеќе од 10 години.
Во исто време додека се одбележува овој ден, веќе се собираат и потписи за да се набават сензори за мерење на шеќерот во крвта за децата кои имаат дијабетес тип 1. Петицијата е организирана од Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ кои бараат поддршка од граѓаните, сензорите да се набават првенствено за децата кои имаат голема потреба од нив.
Тие го повикуваат министерот за здравство Венко Филипче и ФЗОМ да го исполнат ветувањето и да обезбедат сензори за безболно и континуирано мерење на шеќерот на крвта. Во државата има околу 500 деца и адолесценти кои имаат потреба од овие апарати кои веќе се употребуваат во Хрватска, Црна Гора, БиХ и секаде во светот.
„Сензорите ги мерат гликемиите на секои 5 минути и резултатите од мерењата се достапни веднаш. На овој начин ние и нашите најблиски, соочени со подмолноста на дијабетесот ќе можеме веднаш да ја дознаеме гликемијата, колку е висок или паднат шеќерот и соодветно на тоа да го планираме следниот чекор, оброк, тренинг, излегување, кафе-пиење и најважно, спиење. Сегашниот начин на мерење гликемии, со секојдневно боцкање на прстите е инвазивен, често пати болен и нема додатна вредност“ се вели во петицијата.
Ние не сме ништо помалку вредни од остатокот од светот, ниту сме помалку вредни од нашите со-паталци со дијабетес во нашите соседни земји чиј живот веќе е со помалку болка.
Ако ја немаме таа среќа за безгрижно детство и живот, барем дозволете ни живот со помалку болка за нас и нашите најмили, порачуваат од Асоцијацијата.
Родителите на децата со дијабетес очекуваат поддршка и од лекарите во однос на набавката на сензорите, но од таму молк како што се случи и денеска на одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот.
Семејствата постојано се во очекување надлежните во здравството да обезбедат сензори за континуирано мерење на гликемијата во крвта. Тие велат дека децата се истрауматизирани од премногу боцкања во текот на денот, а згора на тоа секое боцкање им предизвикува и физичка болка.
Министерот Филипче повеќе пати јавно вети дека сензорите ќе бидат набавени, но од тоа се уште нема ништо.
„Министерот Филипче вети дека ќе бидат набавени сензори, и тоа за почеток 500, со цел да се покријат месечните потреби на децата што имаат дијабетес“, вели родител на дете со дијабетес.
Некои од нив, кои имаат можност се снаоѓаат и сами купуваат сензори во странство.
„Секој месец за моето дете обезбедувам два сензора за безболно мерење гликемија, трошам по 150 евра. Вакви сензори се повеќе од неопходни, ќе им го олеснат животот и на децата и ќе нема потреба од повеќе боцкања во текот на денот“, вели друг родител.
Бројот на заболени од дијабетес во државата е во постојан пораст. Статистиката говори дека има 123.850 луѓе со дијабетес од кои 40.000 се на инсулинска терапија. Од нив 500 се деца на возраст до 14 години. На еден дијагностициран пациент постои еден кој не знае дека ја има болеста.