Сите ангажирани лица даваат се од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите за кои за дел од нив постои сомнеж и дека се намерно подметнати, рече пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов, на денешната прес конференција.
Тој вели дека надлежните министерства и институции прават сè за да се изгаснат пожарите кои горат на неколку локации во државата.
– Сите ангажирани лица на терен, припадниците на Армијата, војниците, прават натчовечки напори за што е можно побрзо локализирање и целосно гаснење на активните пожари – вели Шилегов.
Според Шилегов, ВМРО-ДПМНЕ кои единствено знаат да ги кочат реформите и работата во Собранието, треба да ги остават надлежните институции да ја работат својата работа и да престанат да шират паника помеѓу населението.
– По справувањето со пожарите, очекуваме и детална истрага за јавноста да дознае дали постои организирано подметнување на пожари на различни локации во државата – рече Шилегов.
За барањето на ВМРО ДПМНЕ да се свика собраниска седница за пожарите, вели дека е лицемерно. Според него, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат задача по секоја цена да ја блокираат работата на Собранието на Република Македонија, на штета на граѓаните.
– Со лицемерни барања ВМРО-ДПМНЕ не може да ја избегне одговороноста за хаосот што го оставија по нивното 11 годишно владеење и нефунцкионалност како на механизацијата, така и на целокупниот систем за справување со кризни состојби. Поради неодговорното и расипничко владеење, денес, надлежните служби работат во нестандардни услови, со нефункционална и застарена механизација и со стара и дотраена опрема. Дури и купените авиони за гаснење пожар не беа функционални сè до доаѓањето на новата власт – изјави Шилегов.

