Министерствата, фондовите, јавните претпријатија и општините заклучно со 31 мај годинава должат вкупно 363 милиони евра – за неплатени сметки за струја, вода, за набавки, склучени тендери. Долгови имаат речиси сите институци од ичилишта и градинки, до профитабилни претпријатија во државна сопственост. Министерот за финансии Драган Тевдовски лоцира дека најмногу долгови има во културата и здравството.
Скопје 2014: Се градело, а ќе плаќа новата Влада
Претходната влада градела нови театри, споменици и концертни сали, но плаќањето за нивната изградба го оставила на терет на новата Влада. Тевдовски вчера објави дека најголем долг од над 2,4 милијарди денари е регистриран кај дејностите од културата.

Во оваа ставка влегуваат изведените, но неплатени обврски за изградбата на новиот објект на Македонската филхармонија во Скопје, објектот на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“, идното здание на Драмскиот театар и новата зграда на Театарот во Велес.
Изградбата на објектот на Македонска филхармонија чинеше речиси 40 милиони евра, но на крајот на мај останале неплатени околу половина од овие средства.
Неплатени побарувања има и за изградбата на Театарот во Велес, кој беше пуштен во употреба пред три години. Исплатата на изведувачите на работите се развлекувала до денес.
Вториот објект од проектот „Скопје 2014“ – обележјето на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ се соочува со долгови, иако градежните работи се незавршени. За оваа спомен обележје досега се издвоени над 5,6 милиони евра.
Драмскиот театар во Скопје со години наназад очекува нов објект за одржување на театарските претстави, а договорот за негова изградба беше потпишан годинава непосредно пред промената на власта. За ова театарско здание досега се потрошени над 10,7 милиони евра од државниот буџет, се наведува во базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“.
Здравство, јавни претпријатија, општини
Неплатените обврски на здравствените установи се 3.2 милијарди денари (52 милиони евра), во Институтот за трансфузиона медицина (најмногу должи, 283 милиони денари), Општата болница „3 септември“ иКклиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски. Со ребалансот на Буџетот дадени се пари за да болниците и амбулантите не останат без струја и вода и да можат да работат.
Во образованието државата има неплатени обврски за комуналии за студентски домови, за набавка на хигиенски средства, за постелнина… „Македонија пат“ има неплатени обврски кон УЈП… Од јавните претпријатија најмногу должи „Македонски железници Транспорт“ – 2,4 милиони денари.
Од општините, најголем должник е Охрид. Има неплатени сметки од 11,5 милиони евра. Следна на листа е Тетово, со долг од 8 милиони евра, а градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски по различни основи должи 7,7 милиони евра. Сметки не плаќале ниту најпрофитабилните државни компании ЕЛЕМ и МЕПСО.
Долговите се пресметани заклучно со крајот на мај годинава, а министерот Теводвски не кажа од кога се трупале.
Но и вкупната сума на долг од 363 милиони евра, според Тевдовски не е конечна, бидејќи големи се шансите компаниите се уште да не ги фактурирале побарувањата од државата и таа да стигне до 700 милиони евра.
За комплетно раздолжување кон стопанството се водат преговари со Светска Банка, но засега нема прецизни детали како тоа ќе се реализира.
Сите долгови на државата се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии на следниот линк: www.finance.gov.mk.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека ваквото излагање на Тевдовски ниту ќе ги покрие штетите од недомаќинскиот ребаланс на буџетот, ниту ќе ги убеди стопанствениците дека државата е задолжена и дека само што не ни се случило грчко сценарио, како што велат во соопштението
-Министерот Тевдовски во својот познат конфузен стил зборуваше за презадолженост на државата кон стопанството, а најдобар демант за оваа манипулација дојде од самите стопанственици кои вчера го кажаа токму спротивното. Кога Тевдовски зборува за задолженост веројатно мисли на 70-тината милиони евра или речиси 4,5 милијарди денари кои тој преку аукции на државни хартии од вредност ги направи во последните четириесетина дена, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

