Здружението на новинари на Македонија издаде извештај за Показатели за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите во декември 2017 година.
Во Извештајот се констатира дека последната година, во периодот од септември 2016 до крајот на август годинава, насилството против новинарите во Македонија продолжило речиси со ист интензитет како и во претходните години.
– Во споредба со првите шест месеци од 2016 година, годинава има помал број напади, но тие беа подиректни и побрутални. Ако до лани претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше формално да се оградува од нападите и да ја скрие нејзината поврзаност со напаѓачите, во првата половина на 2017 година таа поврзаност стана поочигледна – пишува во Извештајот на ЗНМ.
Во период од една година, Здружението на новинарите регистрирало вкупно 18 напади врз новинари, со што нивниот вкупен број во последните четири години порасна на над 50. Годинава, од 18 напади, 6 биле физички напади, а 7 биле вербални закани, додека пак останатите 5 се однесуваат на навреди, забрана за известување од јавен настан или уништување на приватен имот на новинарите .
– За последните пет години само во една прилика МВР го известило Јавното обвинителство во врска со сериозна закана по животот на еден новинар. Во еден случај ЗНМ јавно ја повика полицијата за загрозување на безбедноста на новинари, кои беа изложени на агресивна хајка од страна на провладини медиуми кои ги оцрнуваа новинарите како предавници и соработници на странски разузнавачки служби – пишува во Извештајот од ЗНМ.
На прашањето, дали смета дека со новонастанатата политичка состојба во државата, насилството врз новинарите ќе се намали, Тамара Чаусидис од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), одговара дека се надева.
– Се надевам дека ќе се создадат услови и атмосфера да се смени перцепцијата за улогата и задачата на новинарите и грдата слика која претходната власт успеа да ја создаде во јавноста за новинарите како пропагандисти и продолжена рака на политиката ќе се смени. Не сум во состојба и не си дозволувам да предвидувам, така што останувам само на надеж дека досега имавме можност да видиме како третманот на новинарите како измеќари на власта на кои секој маалски шериф може да си дозволи да пониќува, уценува, заплашува скапо ја чини и јавноста и демократијата на една земја – одговара Чаусидис.
Според Извештајот на ЗНМ, македонските органи не се во состојба ефикасно да ги гонат напаѓачите на новинари.
– Ниедна институција не го извести ЗНМ или самите новинари за мерките што се преземени да се гарантира нивната безбедност. Македонските органи не се во состојба ефикасно да ги гонат напаѓачите на новинари, а за гонење на поттикнувачите и организаторите не може ни да стане збор. За повеќе од 50 напади врз новинари, на обвинителна клупа нема ниту еден поттикнувач или организатор, затоа што во најголем дел од нападите беа вклучени високи претставници на власта или нивни блиски луѓе. За жал, во некои од нападите врз новинари беа вклучени директно и припадници на полицијата, кои по правило треба да ги заштитуваат новинарите. Државата не обезбеди никаква обука за припадниците на полицијата, обвинителството, адвокатите и судиите за важноста на заштитата на слободата на говорот и на новинарите – пишува во Извештајот од ЗНМ.
На прашањето дали забележала кај новата власт тенденција за да се намали насилството врз новинарите, Чаусидис вели дека забележала декларативна подготвеност и сензибилизираност на забелешките на медиумските организации.
– Но до реална промена има уште доста да се направи – констатира таа.
За да се намали насилството врз новинарите, Чаусидис смета дека треба да има санкционирање на извршителите на насилството.
– Па во најмала рака во санкционирањето на извршителите на насилството, во промена на односот на обвинитеството кон пријавите за говор на омраза што ја труе јавната сфера и создава атмосфера на линч кон претсавниците на новинарската професија – вели Чаусидис.


