НАТО е подготвен да и даде поддршка на Турција доколку има врз неа закани од страна на Исламска држава, изјави денес во Варшава новиот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
“Турција е сојузник на НАТО и наша прва одговорност е да го заштитиме интегритетот и границите на Турција. Тоа е причината поради која ние испративме проектили Патриот: за да ја подобриме и зајакнеме воздушната одбрана”, рече новиот шеф на НАТО пред новинарите во Полска каде што е во посета откако ја презеде новата функција на 1 октомври.
“Турција треба да знае дека НАТО ќе биде присутен доколку има напад како последица на насилствата што ги гледаме во Сирија”, рече тој. Генералниот секретар на НАТО рече дека “ситуацијата е многу сериозна” во Сирија.
“Ние сме се разбира многу загрижени поради насилствата во Сирија. Шокирани сме од страшната бруталност што ја врши терористичката организација ИД”, рече Столтенберг и ги поздрави операциите што се вршат против ИД од страна на САД, соузниците на НАТО и регионалните партнери.