Никола Спасов
За негативното влијание на социјалните мрежи е напишано многу. Се зборува за зависноста од телефонот, падот на концентрацијата, потребата за постојана валидација, говорот на омраза, лажните вести…
Сите овие проблеми постојат, но еден друг механизам кој има огромно влијание врз начинот на кој денес го доживуваме сопствениот живот.
Фактот е следен.
Зачестеноста со која нешто ни се појавува на екранот не е исто што и зачестеноста со која тоа постои во реалноста, но нашиот мозок тоа не го разликува. Со тоа социјалните мрежи ја менуваат нашата перцепција за статистичката реалност.
Еве неколку едноставни примери. Некој човек ослабел 50 килограми за 6 месеци. Приказната може да биде целосно вистинита. Друг човек на 22 години создал компанија вредна милиони што исто така е веројатно или може да биде вистина. Трет на 28 години веќе има неколку станови, патува низ светот и тврди дека постигнал финансиска независност.
Проблемот не е во тоа што овие приказни се лажни. Проблемот е што се исклучоци, а информацискиот систем во кој денес консумираме информации исклучокот ни го претставува како правило.
Тука се случува една од најголемите измами на модерната информациска средина, иако никој конкретно не мора да нè лаже.
Во реалниот живот резултатите имаат некаква нормална распределба. Ако десет илјади луѓе почнат да вежбаат и да внимаваат на исхраната, огромното мнозинство ќе постигнат умерен резултат. Некои ќе ослабат пет килограми, други десет, некои ќе се откажат, а мал број ќе направат спектакуларна трансформација. Но токму тие неколку спектакуларни случаи имаат најголема веројатност да ги видиме.
Колку нешто е поневообичаено во реалниот живот, толку го прави повидливо на социјалните мрежи.
Ова не е некое откритие. И порано вест ќе беше „човек касна куче“ а нема да биде вест „куче касна човек“. Но ефектот на таа вест пред социјалните мрежи не се споредува со оваа денес. Постојаната изложеност на такви вести со секое скролање е клучниот проблем.
Психологијата е едноставна. Ако нешто го гледаме доволно често, почнуваме да чувствуваме дека тоа е често. По принципот на 100 пати повторена лага станува вистина, така 100 пати повторен исклучок станува правило.
Ако секој ден гледаме дваесет и нешто годишни милионери, совршени тела, неверојатни кариери, егзотични патувања и луѓе кои за шест месеци го промениле животот, нашиот мозок постепено ја поместува референтната точка за тоа што е нормално.
Пред социјалните мрежи човекот имал многу поограничена референтна група. Најчесто се споредувал со семејството, пријателите, колегите, соседите и луѓето од својата непосредна средина. Секако дека постоеле славни, богати и исклучително успешни луѓе, но тие биле јасно категоризирани како исклучителни. Никој не го гледал Мајкл Џордан и не паѓал во депресија затоа што не игра кошарка како него. Самата култура ни кажувала дека гледаме исклучок.
Денес границата е нејасна бидејќи нашата референтна група е алгоритамски избрана.
А алгоритмот нема никаква причина да ни го покаже 26-годишниот човек кој завршил факултет, нашол пристојна работа, живее под кирија, оди трипати неделно во теретана, има нормална врска и полека штеди за свој стан. Тој човек веројатно живее сосема успешен живот според речиси сите историски стандарди, но неговиот живот е премногу нормален за да произведе engagement.
Токму тука мислам дека се наоѓа еден од најмалку препознаените извори на анксиозност и незадоволство што ги создаваат социјалните мрежи. Не станува збор само за завист. Станува збор за губење на реалната референтна точка според која го проценуваме сопствениот напредок.
Но, социјалните мрежи не ги поместија само нашите очекувања за тоа што треба да постигнеме. Тие ги поместија и нашите очекувања за тоа колку брзо треба да го постигнеме. Создадоа своевидна компресија на времето на успехот.
Веќе не е доволно да сакаш да бидеш финансиски успешен. Почнуваш да чувствуваш дека веќе требало да бидеш успешен. Не е доволно да сакаш да го подобриш своето тело, туку некаде во потсвеста постои идејата дека спектакуларната трансформација треба да се случи за три месеци. Не е доволно да започнеш компанија и постепено да ја развиваш, бидејќи ако по две години сè уште не си постигнал голем успех, лесно можеш да добиеш чувство дека очигледно нешто правиш погрешно.
А вистинскиот живот речиси никогаш не функционирал така.
Како ова влијае на младите?
Често слушам, па и јас тоа го мислам донекаде, дека младите денес се немотивирани и мрзливи. Но веројатно тоа не е точната дијагноза.
Младите денес не се помалку мотивирани. Можеби дури се и повеќе мотивирани, но помалку трпеливи и со целосно изместени референтни точки за времето потребно да се стигне до некоја точка на развој.
Нивните амбиции можеби се дури и поголеми од оние на претходните генерации. Сакаат успешна кариера, сопствен бизнис, финансиска независност, одлично тело, патувања, стан, интересен живот и слобода. Проблемот не е недостатокот на желба. Проблемот е погрешната претстава за времето, трудот и бројот на неуспешни обиди кои нормално стојат зад таквите резултати.
Мислам дека се создава еден многу опасен циклус: огромна мотивација создадена од спектакуларните примери што ги гледаме, потоа нереално очекување за брзината на резултатот. И ова е нешто на што мора да се укажува постојано.
Сепак, би било погрешно од ова да извлечеме заклучок дека покажувањето исклучителни луѓе и исклучителни резултати само по себе е лошо. Напротив, токму тука социјалните мрежи имаат една од своите најголеми позитивни страни.
Замислете млад човек кој расте во сиромашна средина во која никој нема сопствен бизнис, никој не студирал на врвен универзитет и никој не направил нешто што излегува надвор од границите на таа средина. Пред интернетот неговата реалност лесно можела да му испрати една едноставна порака: „Луѓе како нас не прават такви работи“ и да го откажат младиот човек да се пробие.
Интернетот може да му покаже дека прават.
Еден исклучителен пример може да отвори хоризонт кој претходно воопшто не постоел. Може да покаже дека нешто е возможно, да мотивира, да даде идеја и да ја скрши ограниченоста на локалната средина.
Затоа проблемот не е што ги гледаме исклучоците. Проблемот е што ја губиме информацијата дека тие се исклучоци.
Тоа е разликата меѓу инспирацијата и анксиозноста.
И можеби токму затоа најголемиот проблем на социјалните мрежи не е тоа што се полни со лажни луѓе, лажни фотографии и измислени успеси. За нив барем постепено развиваме одбранбен механизам. Многу потешко се браниме од нешто што е целосно вистинито, но статистички нерепрезентативно.
Најопасната лага на социјалните мрежи воопшто не е лага во класична смисла.
Никола Спасов е комуникациски стратег, истражувач и политички консултант.
Фронтлајн




