Нови банкноти од по 200 и 2.000 денари ќе се појават во промет, вест која доаѓа по распишувањето конкурс на Народна банка на Македонија за идејни и ликовно-графички решенија за изгледот на новите книжни пари.
Новите апоени се очекува да се воведат во текот на 2015 година, а засега нема повлекување на некои од постојните апоени.
-Воведувањето на новите апоени е резултат на спроведени сеопфатни анализи, врз чија основа е утврдено дека со новите банкноти во апоени од 2.000 и од 200 МКД ќе се изврши ребалансирање на постојната апоенска структура и ќе се ублажи преголемата разлика која моментно постои помеѓу две последователни деноминации.
Ова значи дека НБРМ очекува урамнотежување на побарувачката и амортизирање на досегашната зголемена побарувачка за одделни апоени, односно обезбедување поголема погодност за сите корисници на книжни апоени.
Апоенската структура на книжните пари воопшто не е поврзана со инфлацијата. Напротив, по воведувањето на апоените од 2.000 МКД, можно е да се повлечат апоените од 5.000 МКД, но тоа е се’ уште отворено прашање, велат од централната банка за „Утрински весник“.