Советникот на ДУИ во Општина Охрид, Нефи Усеини е во притвор. Сознанијата на Нова ТВ во текот на денешниот ден добија потврда и од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Нефи Усеини се појави во една од многуте аудио снимки на Јутјуб во предизборниот период во која Александар Николоски му вели на Миле Јанакиески „да не се чепкаат неговите згради во Далјан оти тоа било дел од договор за избори“. Ден по објава на снимениот материјал, Оштина Охрид започна со уривање на неговата бетонска база.
Неодамна, пак, полицијата поднесе кривични пријави против него и неговиот брат по пријавата за инцидент во еден хотел во Охрид. Според соопштението од СВР Охрид, двајцата беа осомничени како сторители на кривични дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки матeријали“.
На 20 август на двајцата им беше изречена мерка притвор во траење од осум дена и беа недостапни за органите на прогонот.
Нефи Усеини е првиот човек на партијата ДУИ во Охрид. Партискиот лидер Али Ахмети вчера за случајот пред медиумите рече дека таквите прашања не може да ги решава партијата туку органите на прогонот односно обвинителството и полицијата. Кривични пријави против Усеини беа поднесувани и во минатото за повеќе случаи на насилство, физички напади, узурпација на простор.