Хипокризијата станува уште поочигледна кога ќе се земе предвид дека токму медиумите поврзани со оваа мрежа редовно користат говор на омраза, сензационализам и манипулација, без притоа да се соочат со сериозна еснафска осуда. Наместо да се постави јасна граница помеѓу новинарството и пропагандата, се создава лажна еквиваленција во која секоја критика се третира како напад врз слободата на медиумите. Но, слободата на медиумите не подразбира слобода за злоупотреба. Таа не е апсолутна вредност изолирана од одговорноста, туку функционален принцип кој постои за да го штити јавниот интерес. Кога медиумите стануваат инструмент на политички и финансиски мрежи, тие ја губат својата општествена улога и стануваат дел од проблемот.
Жанета Ќосе
Нека има правда, па макар и небото да се сруши. Во теоријата на комуникациите, ентропијата означува состојба во која системот постепено ја губи способноста да пренесува јасен и недвосмислен сигнал. Кога буката ја надвладува информацијата, вистината станува релативна, а перцепцијата управувана. Денес, медиумскиот простор во Северна Македонија се наоѓа токму во таква фаза на длабока ентропија, каде слободата на медиумите, наместо да биде гарант на јавниот интерес, се почесто се инструментализира за политички, бизнис и геополитички цели.
Принципот што го потенцираат Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – дека сомнежите за незаконитости треба да се адресираат институционално – во својата суштина е точен. Тој претставува столб на демократскиот поредок. Но, истиот принцип ја губи својата суштинска вредност во контекст каде што институциите се перципирани како зависни и политички инструментализирани. Во услови кога јавноста оправдано се сомнева дека власта има суштинско влијание врз правосудниот систем, повикувањето на институционална разрешница не е гаранција за правда, туку често служи како механизам за одложување или избегнување на одговорност.
Во ваков амбиент, медиумите би требало да бидат коректив на власта и заштитник на јавниот интерес. Наместо тоа, дел од нив се трансформираа во алатка на паралелни центри на моќ, вклучително и транснационални мрежи на политичко и финансиско влијание поврзани со кругови блиски до Виктор Орбан. Истражувањата во последните години јасно покажуваат дека не станува збор за класични странски инвестиции во медиумите, туку за внимателно конструирана мрежа на сопственост, рекламирање и уредувачко влијание.
Конкретните примери се бројни и алармантни. Луѓе како Петер Шац и Агнеш Адамик не се само инвеститори во медиумски компании, туку дел од поширок екосистем кој ги поврзува медиумите со политички структури и интереси. Преку компании како Адинамик Медиа и Таргет Медиа, тие воспоставуваат сопственичка контрола врз медиуми во Северна Македонија и Словенија, додека истовремено одржуваат врски со унгарскиот јавен медиумски систем и провладини структури.
Она што особено ја проблематизира оваа мрежа не е само сопственоста, туку начинот на финансирање. Истражувањата откриваат дека мали унгарски компании како Оливери, Бониарт и Скин Дилајт, со ограничени приходи и минимално присуство на меѓународните пазари, вложувале значителни средства во рекламирање токму во одредени македонски медиуми. Овие реклами често немаа јасна економска логика – производите им биле скапи, пазарот е ограничен, а кампањите се концентрирани во медиуми поврзани со конкретна сопственичка структура. Таквата селективност укажува дека рекламирањето не е мотивирано од пазарни причини, туку функционирало како прикриен механизам за финансирање и одржување на медиумско влијание.
Дополнително, финансиските текови откриваат сложена транснационална архитектура во која Словенија игра клучна улога како посредничка точка. Преку компании поврзани со Петер Шац и други актери, милионски суми се пренесуваале од Унгарија, преку сметки во Обединетото Кралство и Словенија, кон медиумски структури во Северна Македонија. Дел од овие средства, според истражувањата, се поврзуваат со компании како R-Post-R и V4NA, кои имаат врски со поширокиот политички и медиумски апарат на Орбан. Притоа, се поставуваат сериозни прашања за транспарентноста на овие трансакции, нивната економска оправданост и потенцијалната улога во одржување на политичко влијание.
Овие процеси не се изолирани, туку дел од поширок регионален модел. Во Словенија, медиуми блиски до политичките структури поврзани со Јанез Јанша исто така се поврзуваа со унгарски капитал, создавајќи прекугранична медиумска мрежа која делува синхронизирано. Истражувањата укажуваа дека преку оваа мрежа се пренесувале не само финансиски средства, туку и уредувачки наративи, особено во области како миграција, европска интеграција и геополитички прашања.
Во овој контекст, не може да се игнорира ниту пошироката геополитичка димензија. Дел од финансиските текови се поврзуваа со компании кои имаат учество во инфраструктурни и енергетски проекти поврзани со руски интереси, вклучително и соработки со компании како Росатом. Иако овие врски не се секогаш директни, тие отвораа сериозни прашања за потенцијалното влијание на трети држави врз медиумските системи во регионот. Кога медиумите стануваат дел од вакви комплексни мрежи, нивната улога како независни информативни канали е суштински компромитирана.
Во вакви услови, реакцијата на еснафските здруженија станува особено проблематична. Кога Венко Филипче јавно укажува на постоење на ваква медиумска мрежа, тие реагираат со апели за воздржаност и институционално решавање. Но, кога истите тие медиуми со години спроведуваат координирани кампањи на дискредитација, ширење на дезинформации и лични напади, реакцијата изостанува. Оваа селективност ја поткопува нивната кредибилност и отвора прашање дали навистина се бранат принципите на новинарството или се штити статус кво состојбата.
Хипокризијата станува уште поочигледна кога ќе се земе предвид дека токму медиумите поврзани со оваа мрежа редовно користат говор на омраза, сензационализам и манипулација, без притоа да се соочат со сериозна еснафска осуда. Наместо да се постави јасна граница помеѓу новинарството и пропагандата, се создава лажна еквиваленција во која секоја критика се третира како напад врз слободата на медиумите.
Но, слободата на медиумите не подразбира слобода за злоупотреба. Таа не е апсолутна вредност изолирана од одговорноста, туку функционален принцип кој постои за да го штити јавниот интерес. Кога медиумите стануваат инструмент на политички и финансиски мрежи, тие ја губат својата општествена улога и стануваат дел од проблемот.
Во услови на ваква медиумска ентропија, најголемата штета ја трпат граѓаните. Тие се соочуваат со информациски хаос во кој вистината е тешко достапна, а манипулацијата лесно прифатлива. Ова директно влијае врз квалитетот на демократијата, бидејќи информираното одлучување станува невозможно.
Затоа, аргументот дека критиката кон ваквите медиуми претставува „недемократски притисок“ е не само погрешен, туку и опасен. Напротив, во услови кога институциите не функционираат со полн капацитет, јавната дебата и критичката анализа стануваат клучни механизми за одржување на демократскиот баланс.
Fiat iustitia, ruat caelum – нека има правда, па макар и небото да се сруши. Но, правдата не може да постои како апстрактен идеал, доколку не постојат функционални механизми за нејзино спроведување. Во спротивно, повикувањето на институциите станува реторичка формула без суштина.
Додека ентропијата продолжува да расте, а еснафот селективно реагира, медиумскиот простор останува заробен помеѓу пропагандата и тишината. А токму во таа зона на сива реалност, каде одговорноста е релативизирана, се губи суштината на новинарството – и со неа, довербата на јавноста.




