Автор: Михаил Мице Бошковски
„Manha De Carnaval“ – песна на славниот бразилски композитор и гитарист Луис Бонфа, потекнува од филмот „Црниот Орфеј“ од 1959 г. ремек дело на францискиот режисер, сценарист и актер, Марсел Ками (1912 – 1982).
Сценариото е работено според митската приказна за љубовта на Орфеј и Евридика, овојпат сместено во предградието на Рио де Жанеиро непосредно пред надалеку познатиот карневал. Оваа драма ја напишал Винициуш де Мораеш и за неа во 1954 година добил награда на конкурсот по повод 400-годишнината на Сао Паоло.
Винициуш де Мораеш (1913 – 1980), е писател, сценарист, текстописец и дипломат. Работел во Министерството за надворешни работи на Бразил во дипломатските претставништва во Лос Анџелес и претежно Франција. Тој, несомнено со своите текстови е еден од основоположниците на музичкиот правец боса нова од крајот на 50-тите и посебно во почетокот на следната деценија.
Го напишал текстот и за најпознатата боса нова песна „The Girl From Ipanema“.
Сценариото за „Црниот орфеј“ е заедничко дело на Мораеш, Ками и Жак Вио. Музиката во филмот главно e на Антонио Карлос Жобим, а само две песни се на Луис Бонфа од кои едната е „Manha De Carnaval“, која станува заштитен знак на целиот филм.
Оригиналните изведби во филмот ги пеат Елизете Кардосо (1920 – 1990), славна бразилска пејачка и актерка на која боса новата не и била специјалност, но со интерпретацијата на филмската верзија ја одбележува таа ера, и Жоао Жилберто, гиарист, композитор и пејач еден од главните реализатори на саундтракот и еден од врвните репрезенти на овој вид музика.
Главната машка улога ја игра Брено Мело (1931 – 2008), тогашен фудбалер на Флуминезе, кој претходно немал никаква допирна точка со филмот, а потоа снима уште неколку филмови, а главната женска улога ја игра американската актерка, пејачка и танчерка Мапреса Дон. Филмот добива високи признанија – Златна палма на Канскиот фестивал (1959) и Оскар за најдобар странски филм (1960).
Многубројна е листата на пејачи и инструменталисти што ја снимиле оваа вечна мелодија: Миријам Макеба, Винс Гаралди, Џоан Баез, Пери Комо, Стен Гец, Аштруд Жилберто, Бебел Жилберто, Џери Малиган, Катерина Валенте, Френк Синатра, Хари Белафонте, Чет Аткинс, Џорџ Бенсон, Глориа Ласо и многу, многу други. Таа секако е една од 10-те наjчесто снимани и пеени песни на разни јазици, на сите времиња.
Авторот на „Manha De Carnaval“, Луис Бонфа (1922 – 2001), е роден во руралните делови на Рио. Уште како дете почнал да учи гитара патувајќи долго и напорно да стигне до куќата на учителот, кој согледувајќи го големиот талент и потенцијал на малиот сиромашен Бонфа, не му ги наплатувал часовите.
Кога го завршува школувањето и посебно по големиот успех со „Manha De Carnaval“, на почетокот на 60-тите години заминува во САД каде го сметаат за еден вид културен амбасадор на својата земја презентирајќи го новиот музички бран наречен боса нова. Во 1962 година одржува концерт во Карнеги хол, во Њу Јорк. Потоа остварува соработка со имиња како што се Квинси Џонс, Френк Синатра, Џорџ Бенсон, Елвис Присли и други. Кон крајот на животот се враќа во Бразил, каде што и умира на 12 јануари во 2001 г. од рак, оставајќи зад себе импресивна кариера со бројни авторски дела и само нему својствени интерпретации на гитара.
Покрај Бонфа, уште еден гитарист е главен протагонист за популаризацијата на новиот музички стил – Жоао Жилберто (1931 – ), кој заедно со Антонио Карлос (Том) Жобим (1927 – 1994), текстописецот Мораеш, американскиот џез саксофонист Стен Гец (1927 – 1991) и гитаристот Чарли Бирд (1925 – 1999), ја популаризираат оваа музика во целиот свет.
Тоа се случува во почетокот на 60-тите години кога се издаваат два клучни албуми „Џез самба“ и „Гец/Жилберто“. Вториот ја достигнува кулминацијата на популарноста посебно со „Girl From Ipanema“.
Песната добива награда Греми и станува светски хит, а ја пее сопругата на Жоао Жилберто Аштруд Жилберто, која претходно не била професионална пејачка. Оваа одлична постава на музичари се разединува кога Аштруд има афера со Стен Гец и се разведува од Жоао.
Тој пак се преженува со пејачката позната како Миуча, сестра на пејачот Чико Барке. Од тој брак во 1966 г. е родена Бебел Жилберто, денес позната пејачка која гостуваше и во Скопје во рамките на Скопскиот џез фестивал.
Беше претставена како светска атракција и кралица на боса новата. Овој вид музика, и после 50 години, очигледно се уште опстојува, но не со таа енергија од 60-тите, кога и принудно беше потисната од политичките превирања во Бразил и владеењето на хунтата од 1964 до 1985 година.