Неколку невладини организации и граќански здруженија од Координативно тело за соработка со институции кои имаат надлежности во сектор животна средина и клима денеска реагираа на одлуката на Владата за смена на сегашниот в.д. директор на националниот парк Галичица, Андон Бојаџи и поставувањето на Васко Паскали на оваа функција.
Тие потенцираат дека за соодветно управување со заштитените подрачја во земјава, потребни се стручни кадри со искуство во областа на раководни позиции кои ќе носат одлуки за унапредување на подрачјето.
-Преку медиумите дознавме дека со одлука на Владата на РМ е разрешен сегашниот в.д. директор на НП Галичица- Андон Бојаџи, дипломиран шумарски инженер за кого знаеме дека има 25 годишно искуство во националниот парк како раководител на секторот природа и вистински ја познава областа за чие унапредување искрено и се залага. Г-дин Бојаџи е дел од тимот во речиси сите проекти за прекугранична и меѓународна соработка на паркот во насока на заштита и унапредување на природните богатства на регионот во кој работи. Во последните неколку години токму тој се залага за обезбедување самоодржливост на НП Галичица преку обезбедување финансии од еколошки туризам наместо од сеча на дрвја како што тоа беше пракса досега. На негово место со одлука на Владата на Р.М. е назначен г-дин Васко Паскали кој е дипломиран правник, укажуваат од невладините организации.
За претходниот директор на националниот парк Галичица потсетуваат дека имал многу „ризични одлуки кои можеа да значат загуба на цели живеалишта“.
-Во 2015 година тогашниот директор на паркот одобри цела низа инфраструктурни проекти како ски ресорт и автопат во строго заштитените зони на НП Галичица покажувајќи ни уште еднаш дека доколку сакаме заштита на природните богатства мора да имаме стручен кадар на овие позиции. Ја прашуваме Владата, зошто во случајов не е запазена законската постапка за избор на нов директор на паркот уредена со Законот за природа во член 141 каде јасно пишува дека директорот на ЈУНП се избира преку јавен оглас за вработување кој треба да биде објавен во најмалку три дневни весници кои се издаваат на територија на цела РМ и зошто се откажува од успешни и стручни менџери кои одржливо управуваат со природните ресурси, се вели во реакцијата.
Невладините организации и граѓански здруженија од областа на заштитата на животната средина и клима, бараат да се ревидира одлуката на Владата и да се испочитува предвидената постапка предвидена со законот и бараме со вакви позиции да раководат луѓе кои се стручни во својата област и имаат докажано искуство во заложбите за заштита и унапредување на заштитените подрачја.
Вработените во НП Галичица најавија штрајк
Пред два дена, вработените во националниот парк „Галичица“ одржаа протестен собир токму поради смената на раководната позиција во националниот парк.

Како што за НОВА изјави претставник на вработените, прекршен е Законот за работни односи и поради тоа што разрешувањето на стариот и именувањето на новиот директор е направено без никакво образложение. Тие побараа потписникот на решението за именување на новиот директор, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски или претседателот на Општинскиот огранок на СДСМ кој според нив стои зад ваквото кадровско решение, да им ја објасни одлуката.
За новоименуваниот директор Васко Паскали велат дека е висок партиски функционер во охридскиот штаб на социјалдемократите.
Тие најавија штрајк се додека не се исполнат нивните барања да им биде објаснето зошто на местото на искусни и професионални кадри се носат партиски без искуство во областа која им е доверена како одговорност.
Влада: Постапката за избор е запазена
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека постапката за назначување на директор на Националниот парк „Галичица“ е целосно запазена.
– Се работи за в.д. директор кој претходно беше поставен, што значи вршител на должност. Одлуката е донесена на минатата владина седница во петокот, рече Бошњаковски по редовната прес-конференција што секоја среда се одржува во Владата.