Колумна на Беса Арифи – Професорка во областа на казненото право во Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово
Летото вообичаено е убаво време за ретроспектива. Ова е особено така за лицата кои работат во образованието и за кои летниот одмор значи крај на една учебна или акадамска година. Летото е истотака одмор за судската фела, во кој што истотака би требало да се оцени тоа што е сработено во изминатата година и да се даде оценка за тоа што било исправно, што останало да виси како нерешено а што друго, после неколку изминати месеци сега веќе изгледа сосема погрешно.
Месецот Јули ќе се памети во Македонија како месец на Пржино 2. Додуша, речиси секој изминат месец од 2016 година се памети по нешто невообичаено. Март беше месецот кога Уставниот суд на мошне необичен начин го прогласи за неуставен Законот за измена и дополнување на законот за помилување, па Април беше месецот кога озлогласените помилувања на Иванов беа дадени и ја започнаа Шарената револуција, Мај месец ќе се памети по крајно необичниот Закон за дополнување на законот за помилување, Јуни беше месецот кога Иванов целосно ги повлече своите помилувања, и еве сега, продолжуваме понатаму, како ништо да не се случило во целиот систем на судство и правда во оваа држава.
Во меѓувреме, СЈО останува саботирано со секакви судски одлуки кои одбиваат притвори врз основа на непостоечки начини на интерпретација на правото. Секојдневно се објавуваат информации дека се одбива барање за притвор поднесено од СЈО, се одбива барање за мерка на претпазливост, итн. Повеќе од јасно е дека било какво реформирање на начинот на постапувањето на надлежните судови е невозможно, а што е потрагично, и не се гледа некаков голем обид ова да се смени. Имено, во договорот Пржино 2 не се споменува ништо во врска со опструкциите кон работата на СЈО, ниту пак има било какви индиции за формирање на специјално судско одделение. Главите 23 и 24 од Извештајот на Рајнхард Прибе како да се ставени во целосен заборав.Постојат шпекулацци дека наместо тоа се преговара за формирање на целосен специјален суд во кој европски судии ќе одлучат по предметите на СЈО.
Едно треба да биде јасно, а тоа е дека правната разврска на една работа, како и одговорноста за извршени кривични дела не може да се игнорира ниту пак да се става под тепих. Додуша, може политичарите да се обидат преку такво игнорирање да го стават правото во заборав или само симболично истото да го спроведат, како што тоа често милувале да го направат, но тоа не е баш некоја сјајна идеја, бидејќи за кратко време истите проблеми, кои претходно се немало воља правно да се разрешат, ќе се појават во понови, поинтензивни, поопасни форми.
Во овој контекст, и заради тоа што, како што реков на почетокот, летото е време за ретроспектива, би сакала да се повикам на еден историски настан. Не, не е тоа Илинденското востание, иако забележувам дека во говорите на државните претставници често изостанува нејзината мултиетничката димензија, која би требало да биде многу пошироко опфатено, бидејќи ја претставува суштината на ова земја. Настанот на кој сакам да се осврнам се поврзува со крајот на Првата Светска Војна. Убаво е да се размислува малку историски на овој ден, бидејќи, како што рекле, тие што не ја познаваат историјата се осудени да ги повторат истите грешки.
Имено, малкумина денеска говорат за Судењата во Лајпциг кои се одржале помеѓу 23 Мај и 16 Јули 1921 година. После Првата светска војна требало да се формира специјален суд кој ќе му судел на Вилхем Втори како автор и главен виновник за војната како и на највисоките државни германски функционери од тоа време осомничени за воени злосторства, бидејќи Првата светска војна била најкрвавата војна што дотогаш го видело човештвото. Идејата за такво судење започнала многу ентузиастично, како што со голем ентузијазам СЈО беше основано. Експертски групи напишале детални извештаи за злосторствата од војната, многу критички настроени, како што е многу критички настроен Извештајот на Прибе. Сепак, настапиле нови реалности, во кои одреден шеф на држава (Кралот на Холандија) одбил екстрадиција за главниот осомничен (Вилхем Втори), и заради други видови на опструкции, времето поминало а од идејата на судење на злосторниците останала само сенката.
Слична е ситуацијата во Македонија: со помилувањето па одмилувањето на Иванов, со опструкциите кон СЈО, времето поминува, рокот во кој СЈО треба да изнесе обвиненија тече, ентузијазмот за вистински судења полека згаснува под жешкото летно сонце. Така згаснувала и идејата за судењето на злосторниците од Првата светска војна, се до 1921 година, кога во Лајпциг, од 925 осомничени, на 12 незначителни лица им било судено, половина од кои биле ослободени а другите осудени со симболични казни затвор од 6 месеци до 4 години кои ниеден од осудените не ги издржал до крај. Со ова уште еднаш било потврдено дека кога правото се жртвува во алтарот на политиката, тогаш и најголемите злодела остануваат неказнети. Но за жал таквото постапување има тешки последици. А што може да биде потешка последица од Втората светска војна која започнала за нецели осум години после Судењата од Лајпциг?
Кое е учењето кое треба да се извлече од овој историски настан? Треба да се размисли малку околу политичката воља. Имено, сите историчари тврдат дека причината зошто Судењата во Лајпциг биле таква шарада, невидена фарса која имала за цел само формално да се исполни некаква обврска на судење на некакви виновници, е изостанокот на политичка воља за вистинско судење на вистинските злосторници. И денес нема баш некоја голема политичка воља вистински одговорните лица за состојбата во која се наоѓа државата, вистински да одговараат пред правдата.
Наместо тоа, Македонија е веќе во предизборна треска, како да се изборите магично решение за сите наши проблеми. Дотолку повеќе, Иванов, уште во функцијата на претседател, и после срамното постапување и злоупотреба на својата должност, кажува дека сме имале потреба за некој си процес на национално помирување, откако со своето постапување успеа да го подели народот и да го доведе на работ на граѓанска војна. Па дури зборува и за поставување на државните пред личните и партиските интереси, кога тој самиот се обиде да ги направи недопирливи осомничените за тежок криминал кои ги помилуваше по 5, 11, па дури и 16 пати. Процес на помирување секако дека е потребен, но помирувањето следи откако правдата првин е воспоставена!