Лондон: Норвешкиот министер за одбрана Торе Сандвик предупреди дека Русија брзо го милитаризира полуостровот Кола во Арктичкиот круг, складирајќи нуклеарно оружје и подморници како подготовка за можен конфликт со НАТО.
Во ексклузивно интервју за британскиот „Телеграф“, Сандвик откри дека Осло го следи „најголемиот арсенал на нуклеарни боеви глави во светот“ насочени кон западните сојузници.
„Русија гради на полуостровот Кола. Северната флота и еден од најголемите нуклеарни арсенали во светот се наоѓаат таму. Тие боеви глави не се насочени само кон Норвешка, туку и кон Велика Британија, и на половина пат кон Канада и САД“, рече Сандвик.
Полуостровот Кола, на крајниот северозапад од Русија по границата со Норвешка и Финска, е клучен за стратегијата на Москва за „втор удар“ – способноста да започне разорен контранапад по првиот нуклеарен удар. Според норвешките разузнавачки служби, Русија таму тестира хиперсонични ракети, торпеда и нови боеви глави.

