Радио – елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај
Деновиве од печат излезе латиничната верзија на српското издание на специјалното издание на книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, („Labudova pesma Zarobljenice vetra“) (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај) на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, поранешни новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти.
Книгата на српски јазик ја преведе познатата српска поетеса, преведувачка и литературна критичарка од Нови Сад Снежана Алексиќ Станојловиќ, а како нејзин уредник и приредувач се јавува поранешниот словенечки амбасадор во нашава земја, дипломат, универзитетски професор, писател и поет Милан Јазбец.
„Labudova pesma Zarobljenice vetra“ се појавува по специјалните изданија на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на македонски, кириличната верзија на српски јазик („Лабудова песма Заробљенице ветра“) и англиското издание („The Swan Song of the Prisoner of the Wind“), како и на двојното аудио ЦД „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, кои беа посветени на 90-годишнината од раѓањето на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај (1934–1963) и на годишнината од ненадејната смрт на Искра Чоловиќ (1960–2023), доајен на македонското радио-спикерство, новинар и познат македонски публицист, која ненандејно почина на 14 декември 2013 година.
Искра Чоловиќ и Свето Стаменов со книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, која првпат беше објавена во 2016 година и која на српски јазик беше објавена во 2019 година, во превод на Снежана Алексиќ Станојловиќ, фактички го започнаа серијалот на изданија посветени Даница Ручигај во кој наредните години се наредија: „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2016), „Недореченост, о проклета да си“ – антологија на песни посветени на Даница Ручигај (2018), „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ – аудио-издание (2018), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај: Песна над песните“ (2020), „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021), „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, јубилејно издание по повод шеесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса Даница Ручигај (2023) и „Сребрне ноћне игре и Заробљеници ветра“, јубиларно издање поводом шездесетогодишњице од трагичне смрти прве македонске песникиње Данице Ручигај (2023).
„Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ е своевидна книга – потомок или, подобро кажано, концентрат на мега-проектот – серијалот од пет специјални едночасовни радио-емисии „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“, кој беше посветен на педесетгодишнината од трагичната смрт на првата дама на македонската поезија и литература воопшто Даница Ручигај и скопскиот катастрофален земјотрес и кој беше емитуван на програмата на Македонското радио – Радио Скопје во текот на јули и август 2013 година. Поконкретно, оваа книга е своевиден аудио-книжевен проект, есенција за најважното, најскапоценото, но и најсетното од животописот, но и поетопис за најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбришливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто.
Книгата има структурални делови: авторски текст – коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, избрани стихови од двете нејзини антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници: м-р Златица Поповиќ Ручигај, Евгенија Шуплинова, Иван Чаповски, Михо Атанасовски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Коле Чашуле, Светлана Христова Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Људмил Спасов, Кристина Николовска, Васил Тоциновски, Александар Прокопиев и Ирена Павлова де Одорико.
Оваа латинична верзија на специјалното издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на српски јазик, покрај воведните текстови на уредникот и приредувачот проф. д-р Милан Јазбец и на преведувачот Снежана Алексиќ Станојловиќ, е збогатено со пригодни текстови на проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Кристина Николовска и проф. д-р Димитар Пандев.




