Доколку Конгресот го поддржи предлогот на американскиот претседател Барак Обама, наскоро за нов директор на НСА би требало да биде именуван 53-годишниот вице-адмирал Мајкл Роџерс.
Роџерс на функцијата би стапил во тешки услови, кога Националната агенција за безбедност на САД се соочува со бројни афери за шпионажа. Доколку вице-адмиралот биде избран од Конгресот, тој ќе го замени сегашниот шеф, Кит Александар.
Популарноста на НСА драстично се намали откако годинава, поранешниот вработен во агенцијата, Едвард Сноуден, обелодени документи според кои НСА шпионирала важни личности и обични граѓани од целиот свет.
Според светските медиуми, Белата куќа одбила да даде коментар на разговорите помеѓу Обама и Роџерс околу целите и работата која новиот директор би требало да ги спроведе.
Анкетите на АП покажуваат дека повеќе од 60 отсто од Американците, јасно ставиле до знаење дека приватноста им е на прво место, дури поважна и од заштитата од тероризмот, а Обама, иако се обидува да ја врати довербата од јавноста, се соочува со голем проблем бидејќи граѓаните се разочарани од работата на НСА.