Обреновац е најкритично место зафатено со полавите во Србија каде не се знае ниту точната бројка на мртви.
Според началникот на Секторот за вонредна ситуација, Предраг Мариќ спасувачките екипи веќе почнале да ги изнесуваат безживотните тела на луѓето кои животот го загубија во поплавите.
– Дојде до пробивање на савскиот насип во должина од 100 метари. Доколку не се санира, а се работи на тоа, попладне во Обреновац, ситуацијата може да стане уште полоша и пострашна. За сега, реката Колубара се влива во Сава и тука е тој прекин од 100 метари. Тука е главниот проблем. Доколку тој дел не се санира, Сава ќе почне да го поплавува Обреновац – тврди Мариќ.
Во Обреновац моментално има повеќе од 100 чамци, хеликоптери…Досега се евакуирани повеќе од 4.000 луѓе.
– Целата акција е организирана по пријава од граѓаните. Морате да разберете дека се работеше за илјадници луѓе и не можевме да стигнеме до сите. Приоритет ни беа тие на пониските спратови. Секако децата, трудниците и старите – истакна Мариќ.
Поголема група Македонски граѓани од Велес, Скопје и Куманово веќе пристигнале во Србија за да помогнат во спасување на луѓето кои се загрозени од поплавите. Членови на Здружението на спасители од вода од Велес „Безбедност“ се наоѓаат во Шабац и чекаат да бидат распоредени и на други места.
Тие со себе носат најнеопходна опрема за спасување на настраданите. Меѓу нив е и пратеникот Иван Стоиљковиќ со околу 150 доброволци од Македонија.