Две години и шест месеци затвор за Демири, и две години за Исмаиловиќ, пресуди косовскиот Суд. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, обвинетите за грозоморното петкратно убиство кај Смиљковско Езеро, ќе останат во Косово.
Косовскиот суд им пресуди за нелегално поседување оружје.
И двајцата најавија жалби. Африм Исмаиловиќ доби помала казна бидејќи го призна делото.
Воедно тој и Алил Демири во Македонија се обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, но во март беа уапсени во Приштина за нелегално поседување оружје.
За сега неизвесно е дали Демири и Исмаиловиќ по одлежувањето на казните во Косово, ќе бидат ектрадирани во Македонија, каде што ги чека пресуда за „Монструм“.
>> На Исмаиловиќ и Демири им се суди и во Косово
Претходно, министерот за правда на Македонија, Блерим Беџети, изјави надеж за средување на постапката на екстрадиција.
„Ние сме во комуникација со косовскиот министер за правда. Сè уште не сме официјално известени, но по сознанијата што ги имаме, факт е дека обвинетите таму имаат сторено кривично дело. Факт е дека од правна гледна точка треба да заврши постапката во Приштина, а потоа ќе добиеме и одговор за екстрадиција“, изјави министерот во мај.
Судскиот процес за петкратното убиство, во отсуство на двајцата првоосомничени, почна на 20 декември 2012 година, а на обвинителната клупа седнаа Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири.
На 12 април минатата година кај Смилковското езеро беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и Борче Стефковски.