Белград: Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека во март следната година повторно ќе се воведе задолжителниот воен рок.
Тој тоа го соопшти за време на обиколка на воената опрема на аеродромот „Миленко Павловиќ“ во Батајница, во близина на Белград.
Пред тоа ќе се спроведат соодветните бирократски процедури, а во март започнуваме со служење на многу краткиот воен рок. Тоа дополнително ќе ги зајакне нашите одбранбени капацитети, истакна Вучиќ.
Претходно, актуелната власт најави враќање на задолжителното служење на воениот рок во Србија во траење од 75 дена за мажи до 30 години.
Армијата на Србија, со одлука на претходните власти, официјално стана професионална војска на 1. јануари 2011 година, кога стапи на сила собраниската одлука за укинување на обврската за служење воен рок.
Редовното служење на воената обврска тогаш беше заменето со доброволно служење, а војската почна да се пополнува со професионални војници и офицери.




