Габриела Михајлова: Турбо-фолк, казина и обложувалници на секој чекор. Главната понуда. За сите.
Културата? На попуст. Библиотеките? Тивки. Младинските центри? Празни. Здравите навики? Нека почекаат.
Со години го убедуваме простотилукот дека е успех. Му аплаудираме. Му отвораме телевизии, насловни страници и ударни термини. Знаењето стана здодевно, културата стана елитизам, емпатијата слабост, а агресијата сензација.
Тогаш ќе се случи вакво насилство.
И сите ќе прашаме: Како е можно? Како да паднало од Марс. Не. Не паднало од Марс.
Кога генерации растат во општество што не вложува доволно во квалитетно образование, култура и вистински вредности, туку многу полесно им нуди кич, евтина сензација и агресија, ваквото насилство не е изненадување. Не се создава преку ноќ.
Се создава полека, со години.
Гаден е самиот чин на насилството и понижувањето на девојчето. Но уште погадни беа смеењето, задоволството, забавата и снимањето.
И ова не е само пропуст на родителите. Децата не ги воспитува само домот. Ги воспитуваат училиштето, медиумите, институциите и целото општество.
Емпатијата, љубовта и почитта се учат, се негуваат и се вградуваат. За жал, се учи и нивното отсуство. Но тоа не се случува само дома. Се случува и преку државата, институциите и општеството. Кога институциите со молк и политички калкулации поминуваат покрај трагедиите, страдањата и хуманитарните катастрофи што ги погодуваат други народи, кога сочувството станува селективно, а емпатијата отстапува пред интересите, и тоа е лекција. А децата најбрзо учат токму од примерите.
Потоа се чудиме што имаме сè помалку сочувство, а сè повеќе гнев.
Што имаме сè повеќе бучава, а сè помалку разговор.
Што имаме сè повеќе публика, а сè помалку луѓе.
Не зборувам за изгубена генерација.
Зборувам за општество што полека ја губи способноста да почувствува.
И тогаш …
Сите сме изненадени. Навистина?
Ова не е само криза. Ова е слободен пад.
Извор: Фејсбук



