Во Белград се одржува заедничка седница на српската и на македонската влада, но без министрите од ДУИ. Албанските медиуми известуваат дека не се работи за бојкот, туку за веќе планирани активности на министрите на ДУИ.
Во изјава за НОВА, портпаролот на интегративците Бујар Османи изјави дека „во Белград се присутни само министрите кои покриваат некоја од темите и точките од дневниот ред на заедничката седница. Така што Владата не е во полн состав“.
– Некои министри не се отидени од објективни причини. Верувам дека на следната заедничка седница со владите на Албанија, Косово и Бугарија, во зависност од темите ќе има и повеќе министри“.
Темите на маса на двете влади се унапредување на регионалната соработка за придвижување чекор понапред на евроинтеграцискиот пат, а и развој на економската соработка и на трговската размена, неколку конкретни инфраструктурни и енергетски проекти, настап на трети пазари и соработката во земјоделството, здравството и културата.