Знаат ли македонските граѓани што јадат. Колку се сигурни во квалитетот на храната од домашните и странските производители. Имаат ли доверба во земјоделците и нивното познавање колку пестициди смеат да ставаат во градинарските производи. Ова се прашања што секојдневно си ги поставува секој од нас, бидејќи во јавноста нема официјални информации за оваа проблематика, а институциите како да не чувствуваат за потребно им ја презентираат реалната состојба пред граѓаните, да ги разбијат дилемите и да одговорат на нивните прашања.
Владата го промовира Проектот „Здрава храна“ но, прашањето е колку таа храна е здрава, имаат ли во себе јаболката, доматите, краставиците пестициди, колку е нивната застапеност во производите. За да дојдеме до некакви сознанија малку истражувавме во РАССФ, системот за безбедност на храна на ЕУ, во делот за Македонија. И еве што најдовме.
Парчиња метал во јогурт, пестициди во чај од камилица се само дел од долгиот список
Вкупно 42 прехрамбени производи со потекло од Македонија полни со пестициди, канцерогени материи и опасни бактерии биле откриени во земјите на ЕУ во последните години. Околу 40 производи опасни по здравјето на граѓаните пак, биле увезени од други земји во Македонија. Ова го покажува РАССФ, системот на ЕУ, за брзо алармирање за безбедност на храна. Не се откриваат имињата на фирмите , само македонските производи се евидентираат како проблематични.
Станува збор за различни производи што секојдневно се употребуваат во исхраната, домати, пиперки, краставици, грозје, јаболки, печурки, потоа полжави, десерти, чоколади, сладолед, вино, енергетски пијалоци, желе бонбони. Некои од пратките содржеле големи количини пестициди, други содржеле опасни бактерии, трети канцерогениот афлатоксин или пак на декларацијата не било нагласено дека содржат алергени, кои може да го загрозат здравјето и животот на луѓето кои се алергични на нив.
Последниот случај е регистриран во март годинава кога на хрватската граница била задржана пратка со сладолед од Македонија загаден со голема количина на ентеро-бактеријии кои може да предизвика тешки последици по здравјето луѓето, дури и менингитис. Пратката со сладолед била навреме откриена и не стигнала во маркетите во Хрватска.
Во ноември минатата година во маркетите во Франција во грозје од Македонија беа најдени опасните пестициди(dimethoate, omethoate), а од хрватската граница беа стопирани пратки со краставици полни со пестицидите (chlorpyriphos).
Во јули минатата година било алармирано дека во маркетите во Словачка има македонски производи, чоколаден десерт со лешници кој содржи опасни алергени кои не се пријавени бидејќи македонскиот производител не ја почитувал декларацијата. .
Во април истата година од маркетите во Романија најдени се пестици во јаболки со потекло од Македонија по, што е стопиран увозот и јаболката од нашата држава се ставени под посебни мерки на заштита.
Во ноември 2012 во Франција при проверка во фирмата увозник е најдена бактеријата салмонела во производ – полжави во путер, по што производите се уништени и дистрибицијата е прекината.
Во македонски домати кои биле распродадени на словенечкиот пазар се најдени пет вида опасни пестициди (monocrotophos (0.30 mg/kg – ppm), procymidone (0.42 mg/kg – ppm), omethoate (0.73 mg/kg – ppm), acetamiprid (0.34 mg/kg – ppm) и dimethoate (заедничка количина на dimethoate and omethoate: 0.78 mg/kg – ppm))
Пред две години во кроасани со страчатела кои биле дистрибуирани во Словачка при пазарна контрола најдени се големи количини на бензоинска киселина( Е-210), по што производите се веднаш повлечени од пазарот.
Македонски сушени печурки со опасна токсична бактерија завршиле на пазарите во Италија и Јапонија. При пазарна проверка во печурките е најден (Bacillus cereus enterotoxigenic) по, што веднаш биле повлечени од маркетите. Колку луѓе се затруле од нив не е познато..
Фекални бактерии се откриени во пастеризирано млеко. Дури и во чај од камилица со потекло од Македонија биле најдени остатоци од органофосфатни пестициди во пратка за Данска.
Во црвено вино пак, граничната контрола во Германија пронашла monoethylene glycol (MEG), антифриз кој служи за заштита од корозија на челик, железо и тешки обоени метали.
Ова се само дел од македонските производи кои биле откриени на странските пазари бидејќи биле опасни по здравјето на луѓето. Листата е многу подолга и загрижувачка.
Каде завршиле овие производи, дали се уништени или вратени назад во земјата? Дали можеби дел од нив завршиле на македонските трпези? Граѓаните не се сигурни што јадат и не знаат што содржат производите кои ги конзумираат. Дали имаат пестициди над дозволеното, имаат ли бактерии или канцерогени елементи.
„Не знам дали постои контрола, не сме информирани. Колку пати треба да се прскаат со пестициди јаболката доматите, грозјето. Јадеме со страв“, вели за НОВА жителка на Скопје.
Но, ова не е се.
Последните години во Македонија влегле околу 40 производи кои се опасни по здравјето на луѓето бидејќи содржеле штетени материи или бактерии.
На 23 октомври во државата е внесен чоколаден и ванила десерт од Германија, кој содржел премногу голема содржина на хидроген пероксид, поминал низ 17 држави меѓу кои и Македонија. Откако било алармирано од системот на ЕУ, производите се тргнати од пазарот.
Од продажба е тргнато и замрзнато телешко од Полска кое завршило на македонскиот пазар во август годинава. Во месото се најдени остатоци од лекови, кои биле над дозволениот максимум. Станува збор за антибиотикот окситетрациклин.
Еден месец претходно од пазарот е тргнато замрзнато пилешко месо од Франција поради патогени микроорганзми, односно опасната бактерија салмонела. (Salmonella typhimurium)
Во јули од Италија се внесени пекарски производи кои имале глутен, а на деклацијата дека го нема овој алерген кој може да биде катастрофален по здравјето на децата кои не смеат да го примаат.
Во март годинава од Индија е внесена сточна храна со афлатоксини кои се високо канцерогени. Токму од ваква храна лани беше контаминирано млекото во Србија, по што се крена на нозе јавноста, беа алармирани надлежните институции, а млекото беше забрането за употреба.
2011 од Тунис се внесени сушени урми со измет и ларви од инсекти, по што се повлечени од пазарот. Колку од нив завршиле на домашните трпези не е познато. Во јогурт од Германија пак, биле најдени парчиња метал.
За ниту еден од овие случаи Агенцијата за храна ниту ја алармираше ниту информираше јавноста, освен за краставиците и грозјето за кој пишуваа медиумите по случајно откривање од истиот систем на ЕУ.
Агенција за храна: Се контролираат сите сомнителни производи
НОВА побара одговор од Агенцијата за храна зошто граѓаните не се информирани за ваквите случаи. Од таму ни одговорија дека институцијата е транспарентна и дека даваат податоци за се што ја интересира јавноста, но за овие случаи не биле прашани од новинарите до сега. Но, дали редовното информирање не треба да биде дел од транспарентноста?
Од Агенцијата велат дека покрај домашното производство и внатрешниот промет, инспекторите за храна и официјалните ветеринари вршат контроли и на секоја пратка со храна која се увезува во земјава. Освен контрола на документацијата се вршел и задолжителен физички преглед на пратката.
„Во рамки на мониторинг програмите и при сомнеж, од пратките храна кои се увезуваат се земаат и мостри за анализа. За истите не се дозволува увоз во земјава, односно истите се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна.Доколку со инспекциската контрола се утврди дека одредена пратка со храна не ги исполнува барањата за безбедност на храната, за десетте последователни серии со производи од тој производител, официјалниот ветеринар или инспекторот за храна ќе врши засилени проверки и прегледи, при што трошоците за инспекцијата паѓаат на товар на увозникот“ велат од Агенцијата.
Од таму признаваат дека преку системот за брзо предупредување за храна на ЕУ, од почетокот на годинавадо септември поради утврдена микробиолошка неисправност при контрола од хрватските гранични власти, како небезбедни биле уништени 5.485 литри сладолед од домашно производство, наменети за увоз во Германија.
Од Агенцијата информираат дека од почетокот на годинава заклучно со септември, од странските пазари (Косово, Австралија, Црна Гора и соседна Србија) биле вратени дури 30.787 килограми храна од животинско потекло (сирење, мед, производи од млеко и месо) поради несоодветно декларирање, неисполнување на условите од Правилникот за квалитет на земјата увозник и непочитување на интерните договори на компаниите.
За време на истиот период инспекторите за храна на граничните премини забраниле увоз на 82.124 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло.
Официјалните ветеринари пак, како небезбедни од увоз вратиле или уништиле 57.724 килограми небезбедна храна од животинско потекло (пилешко месо, производи од риба, млеко во прав за исхрана на животни, јајца во прав, трајни месни производи, вклучително и храна за исхрана на животни, како и додатоци на добиточна храна).
Станува збор за пратки со потекло од Англија, Србија, Германија, Холандија, Грција. Косово и од Малезија.
„Кога станува збор за извоз на храна од животинско потекло, секоја пратка задолжително е проследена со сертификат за безбедност кој го издава Агенцијата за храна и ветеринарство. При извоз на храна од неживотинско потекло, операторот може, но, не мора да побара издавање на ваков сертификат за безбедност на производите.“, велат од Агенцијата.
Земјоделци: Нема контрола страдаат граѓаните
Агенцијата за храна и ветеринарство во последните десетина години го има превземено целокупниот мониторинг за безбедност на храната кој порано беше во рацете на здравствените власти.
„ Ние немаме никаква улога при контрола на храната, освен доколку станува збор за некакво труење, велат за НОВА во Државниот санитарен инспекторат.
За да видиме каква е состојбата на терен кај оние што ја произведуваат храната на нивите, НОВА контактираше со дел од земјоделците кои произведуваат зеленчук од струмичкиот и валандовскиот регион. Тие сметаат дека во државата нема контрола врз земјоделците и нивните производи, така што не се знае што и како се става во нив при нивното одгледување.
„Земјоделците не се едуцирани, нема контрола, страдаат граѓаните. Каде се 100-те подвижни екипи кои требаше да даваат совети на земјоделците?Во државата влегуваат нови производи, за кои се потребни нови технологии во обработката“ изјави за НОВА, Ристо Велков претседател на синдикатот на земјоделци на струмичкиот регион.
Еден од земјоделците кој одгледува градинарски производи раскажува како неговиот колега постапил самоволно при прскањето на доматите, за да не го изгуби пласманот..
„Се појави болест на доматите и тој за да ги спаси одлучи да ги прска со инсектицид кој е забранет за употреба. Му реков да не го прави тоа, но тој не ме послуша и не само што со тоа направи штета кај граѓаните, туку се затру и самиот себеси“, вели земјоделецот кој сакаше да остане анонимен.
Од друга стана пак, од Агенцијата за храна велат дека согласно препораките на ЕУ, се врши мониторирање на микробиолошките критериуми на храната, микотоксините, резидуите од пестициди и од тешки метали, како и испитувањата на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната, а од годинава и испитување на ГМО и органска храна.
„Инспекторите за храна и официјалните ветеринари, вршат редовни инспекциски контроли кај операторите со храна, заради обезбедување на повисоко ниво на заштита на здравјето на граѓаните,поради појава на сомнеж или по претставка поднесена од страна на граѓаните. Инспекциските служби на Агенцијата вршат и вонредни, засилени контроли на пазарот и земаат мостри за лабораториско испитување на храната“, тврдат за НОВА од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од Агенцијата велат дека постојат 15 лаборатории во државата за лабораториско испитување на храна, вода, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната.
Според податоците од Агенцијата од почетокот на годинава до септември како небезбедни уништени биле вкупно 543.569 килограми храна од животинско потекло. Од овие количини, при вршење на инспекциски контроли, ветеринарите уништиле 247.670 килограми небезбедна храна.
Во истиот период при вршење на контроли во домашниот промет, инспекторите за храна како небезбедни уништиле над 13.000 килограми храна.
„Согласно имплементираниот HACCP систем за безбедност на храната, самите оператори, како небезбедна уништиле 295.899 килограми храна од животинско потекло“соопшуваат од Агенцијата.
Досега биле поднесени 310 претставки од граѓани од кои дури 268 се однесувале на безбедноста на храната.
Велат дека по однос на претставките биле донесени 70 решенија, спроведени 50 едукации, наплатени се 15 глоби, уништени се 2.830 килограми небезбедна храна, а поднесени биле и 3 прекршочни пријави.