Организацијата за забрана на хемиско оружје соопшти дека околу 53 % од залихите на сириското хемиско оружје е уништено или преместено. Сирија досега испрати 49 % суров материјал искористен за отровниот гас.
Во извештајот до кој дојде Асошиејтед Прес се вели дека Сирија се заложува да ги отстрани сите хемикалии до 13.април, освен тие до кои пристапот е ограничен. За тој дел од хемикалиите рокот истекува на 27.април.
Дамаск се согласи да ги уништи сите објекти со хемиско оружје и да предаде 1.300 метрички тони токсична материја, како дел од договорот помеѓу САД и Русија по нападите минатиот август во кој загинаа стотици луѓе.
Одговорноста за нападите во август минатата година и се препишуваше на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, која пак во неколку наврати ги демантираше таквите обвинувања.
Претходно сириската влада не успеа да го испочитува рокот за отстранување на оружјето предвиден до 31.декември, како и 5.февруари кога требаше целосно да се откаже од залихите со хемиско оружје.