Еминентната архитектка и екс претседателка на Сојузот на архитекти, Даница Павловска-Циги, со отворено писмо му се обраќа на министерот за здравство Венко Филипче.
Нејзиното отворено писмо го пренесуваме во целост.
Почитуван господин министер,
Ви се обраќам со сиот свој авторитет, пред група на искусни потврдени архитекти и планери, а по повод одлуката за распишување конкурс за Проект за новата Градска болница во Скопје, повикувајќи се особено на ставовите на арх. М-р Невена Георгиевска цитирајќи ја: “Функционалниот проект ја промовира вештината на професијата, економијата, употребливоста и комфорот; нефункционалниот проект може да ги спречи активностите од сите видови, да го одвлече вниманието од квалитетот на негата и да ги зголеми трошоците на нетолерантни размери.” – Hardy&Lammers
Ве молам да во ова време на многу импровизации, дерегулации, шпекулации, време на маѓепсана спирала на континуираното уривање на дигнитетот на здравството, покажете зрелост и култивираност во донесувањето на важната одлука за градба на нова Градска болница. Неопходна е високостручна подготовка на таа одлука што во избрзаното објавување на конкурсот не се препознава, па препорачувам одлагање на сите поставени рокови заради преиспитување и редефинирање на материјалот за потоа да отпочне процедурата предвидена со закон затоа што токму тоа е од суштинско значење.
Сосема е јасно дека Проектната програма за новата Градска болница во Скопје не ветува квалитетен објект, а трошењето милиони евра за изградба на нов болнички објект може да биде страшно без вистинска насока. Сакам да верувам дека планирањето на овој објект произлегува од стратешко размислување и практични технички искуства и упатства , кои им ќе им помагнат на менаџерите во здравството да се движат самоуверено низ процесот на имплементацијата. Се подразбира користењето на интегриран процес на планирање на капацитетите, разбирање на трендовите кои влијаат врз искористеноста и конфигурацијата на просторот и создавање на квалитетен објект.
По правило, за идеен проект, би требало да се наведат сите потребни простори/простории/места и сл. со дефинирани површини и истите треба да се резултат на програмирање на објектот преку статистички податоци и анализи за бараните простори во еден вака сложен објект како што е болница. Вака поставената проектна задача е сувопарно копирање на просторите наведени во Правилникот за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност, поставен на интернет страната на Министерството за Здравство, поткрепен со податоци добиени од лекарите, кој треба итно да се ревидира заради застарените просторни барања и редовно да се ажурира на секои минимум 4 години.
Оперативните и безбедносните придобивки од промените на Правилникот за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност, ќе ни помогнат на сите нас да направиме здравствени објекти, кои се побезбедни и подобро прилагодени на специфичните барања.
Успешното планирање на болниците мора да се мери на долг рок, не само како привлечни и атрактивни нови објекти, туку и како структури кои ги поддржуваат оние интензивни, сложени и тешки функции на база на употреба 24 часа, 7 дена во неделата, за повеќе од 50 години корисен животен век.
СОГЛЕДУВАМ, СОВЕТУВАМ И ЗАКЛУЧУВАМ ДЕКА СО КРЕИРАЊЕ НА МОДЕРНИ, ОДРЖЛИВИ, ФУНКЦИОНАЛНИ, БЕЗБЕДНИ БОЛНИЦИ ЗА ЗАДОВОЛНИ ПАЦИЕНТИ И ПЕРСОНАЛ, СО ВОВЕДУВАЊЕ НА НОВИ КРИТЕРИУМИ И СТАНДАРДИ, ТРЕБА ДА СЕ ПОЧНЕ УШТЕ ДЕНЕС, СО ОВАА АКТУЕЛНА ПОЛИТИЧКА ГАРНИТУРА, СО ВАС.
ПРАКТИЧЕН ОПЕРАТИВЕН ПОТЕГ БИ БИЛО ОФОРМУВАЊЕ НА СТРУЧНО КООРДИНАТИВНО ТЕЛО СО ХЕТЕРОГЕН СОСТАВ ЗА ВОДЕЊЕ НА ПРОЦЕСОТ НА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ОДЛУКАТА ЗА ПРОЕКТИРАЊЕ И РЕАЛИЗАЦИЈА НА НОВАТА ГРАДСКА БОЛНИЦА ВО СКОПЈЕ.
Далеку од разноразни надмудрувања, манипулации или попувања, се надевам дека во овој допис се
препознаваат добрите намери, мои и на моите колеги – членови на Асоцијацијата на архитекти на РМ (која веќе има едно обраќање до Вас) и членови на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на РМ.
Со почит,
Архитект Даница Павловска
Консултант, урбан аналитичар, просторен планер
20.06.2018
А Н Е К С
КОМЕНТАР НА ПРОГРАМСКИТЕ БАРАЊА
- Во општиот дел е наведено дека треба да се следат светските трендови, согласно законската регулатива. Светските трендови и стандарди се посебни за секоја држава, некаде слични, некаде различни и не е јасно на кои трендови конкретно се мисли и дали оние кои ќе бидат консултирани ќе бидат прифатливи за нашата законска регулатива, која за овој вид на објекти е поткрепена исклучиво со Правилникот за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност, во неговата последна верзија од 2013 година. Тој, пак од своја страна, изобилува со недоследности, далеку е од светските трендови, а сепак треба да се испочитува за добивање на согласност за работа на установата.
- Новата болница се предвидува да понуди сместување на 240 пациенти во соодветен број болнички одделенија со сите потребни придружни простории. Се поставува прашањето: кои се тие одделенија и кои се сите потребни придружни простории. Не е јасно кои одделенија/специјалности ќе функционираат во болницата, колкави се нивните потреби и капацитети, на пр.: колку кревети му припаѓаат на кое одделение, кој, колку и каков медицински и немедицински персонал го опслужува и кои се нестандардните простори кои треба да се предвидат на одредени одделенија, дали се планираат swing beds и, ако се планираат, кои одделенија би можеле да се комбинираат за да може да ги користат просториите за поддршка соодветно, за кои одделенија се потребни медицински гасови и сл.
Не е познато како треба да се организираат болничките единици: со еднокреветни, двокреветни или четирикреветни соби и кој е процентот на застапеност на истите. Светските трендови се насочени кон исклучиво еднокреветни и двокреветни соби, додека македонската регулатива изразена преку Правилникот препорачува: 20% двокреветни, 60% трикреветни, 20% шестокреветни соби и една еднокреветна соба. Светските трендови не познаваат трикреветни соби, шестокреветните се одамна заборавени, а четирикреветни се дозволени само за реконструкции и адаптации на постоечки болници во рамките на нивната ограничена површина. Потребната површина по кревет според Правилникот е 6м2, додека меѓународните стандарди препорачуваат минимум од 12м2 за еднокреветна соба и 9м2/кревет за дво/четирикреветна соба. Според Правилникот, минимум потребен простор по кревет за деца до 2 години е 3,5м2 и 4,5м2 за деца до 14 години. Имајќи предвид дека децата треба да се придружувани од родител/старател, меѓународните стандарди препорачуваат 14м2/кревет за болнички соби за деца со придружник. Во Правилникот исто така, никаде не се предвидени соби за лица со намалена мобилност и соби за изолација на пациенти, кои имаат посебни барања.
- Единицата за интензивна нега е специјално екипирана и опремена, одделна и автономна област во рамките на болницата и се занимава со справување со пациенти во животна или потенцијална опасност по живот, и реверзибилна или потенцијално реверзибилна органска инсуфициенција. ЕИН обезбедува ресурси за поддршка на пациентите и нивните семејства, и ги користи специјализираните вештини на лекарите, сестрите и други вработени искусни во справувањето на критички болни пациенти. Може да биде детска, пост-оперативна, хируршка, невролошка, траума и сл. Во Проектната задача нема дистинкција на леглата за интензивна нега, што е важно заради просторното обликување одредено со пропратната медицинска опрема, различна за различни типови, детска или за возрасни и секако пропратните содржини. Се претпоставува дека се мисли само на пост-оперативна интензивна нега, согласно добиените консултации од сегашната градска болница, која во својот полн назив е Универзитетска клиника по хируршки болести. Но новата Градска болница не е просто пренесување на стара Градска во нов објект, туку претставува нова болница со многу други не-хируршки специјалности и за нив треба да се обезбедат соодветни услови.
- Собата за будење или recovery не спаѓа во хотелскиот дел на болницата туку во оперативниот блок, оттука е нејасно сместувањето во делот 1.6. од Проектната задача кој ги опишува потребите за Болничка здравствена заштита.
- “При проектирање на болницата потребно е да се има предвид нејзниот претпоставен капацитет: медицински лица – 280 лица, технички персонал вклучително болничари и медицински техничари – 110 лица и административен пресонал – 30 лица“. Не е познат бројот на лекари и нивниот распоред по одделенија, важен податок за да се одреди бројот на лекарски соби и начинот на нивното користење. Не е познат бројот на вработени кои ќе се гардеробираат во заеднички гардероби за да истите може да се димензионираат и да се оформи просторот за заеднички гардероби и санитарни јазли. Предвиден е „Голем аудиториум, во кој ќе ги собере вработените доктори“, а нивниот број не е познат за да се одреди големината на аудиториумот „(за утрински конференции и слични состаноци), кој ќе биде организиран како тип на океанска просторија со можност за поделба на просторот за поединечни состаноци по оддели“. Неразбирливо е како се планира, секојдневно просторот да се разделува или спојува по потреба и со какви прегради истото ќе се изведе за, на пр. 60 вработени или 6 одделенија со по 10 вработени присутни на состаноците да го одржуваат утринскиот состанок, без притоа да си сметаат едни на други.
- Што се однесува до амбулантниот дел, не е дефиниран бројот на амбуланти, ниту бројот на очекувани пациенти по амбуланта дневно, па и вкупниот број. Не е познато ни дали амбулантите се планира да работат во смени. Овие податоци се од голема важност за да се определи бројот на потребните санитарни јазли, бројот на гардеробите во оние амбуланти чија дијагностика бара соблекување на пациентите во гардероби. Бројот на амбулантните пациенти дневно треба да биде показател и за формирање на влезната партија, чекалната, регистрацијата, административната комуникација и сл., а секако ќе го даде и потребниот број на амбуланти по специјалност. Во проектната задача е предвидена по една амбуланта по специјалност.
- Нема дефиниран ургентен центар. Несфатливо е една градска болница со големина од 240 легла да функционира без ургентен центар. УЦ прима, проценува, стабилизира и менаџира пациенти од широк спектар, со различна итност и со различна сложеност. Пациентите може да дојдат сами или да бидат донесени/упатени. Опсегот на состојби може да вклучува голема траума, хируршки состојби, медицински состојби како што се удари, скршени коски, рани на кожата, заразни/незаразни инфекции, возрасни или деца. УЦ претставува посебна единица со посебен влез и зависно од горенаведените побарувања треба соодветно да се дефинира. Неговото дефинирање ќе направи ред и во амбулантниот простор. Сликовито, во вака дефиниран амбулантен простор, без јасна дистинкција на ургентен центар, значи дека низ истиот влез додека дете чека за преглед заради болка во увото, може да влета стречер од итната помош со пациент во крвави чаршави од прострелни рани.
- Во делот 2.1. и 2.2. само се наведени Биохемиска лабораторија со сите потребни придружни простории и Хематолошка лабораторија со сите потребни придружни простории. Невозможно е да се дефинира просторот без да се знае бројот на упати, односно без да се дефинира капацитетот на лабораториите. Под капацитет се подразбира и бројот на вработени, кои покрај основното заедничко гардеробирање во болницата, треба да се облекуваат/ соблекуваат при секој влез/излез од лаборатористиот простор, процедура која се применува во сите нови меѓународни стандарди базирани на докази, заради заштита од пренесување на урина или крв низ болницата.
- Што се однесува до оперативниот блок, не е напоменато дека септичната сала која би се користела за гангрени, изгореници и сл, треба функционално и оперативно да се оддели од асептичните сали. Моменталните докази не го фаворизираат конструктивното пред функционалното одвојување на септички и асептички хируршки процедури, во однос на целокупното одржување на хигиената и инциденцата на инфекции на кожата и меките ткива. Во рамки на правилен ламинарен и турбулентен проток на воздух во операционите сали, воздухот не е релевантен извор на патогени, ако површинската дезинфекција се изведува правилно. Завршното чистење после септичка процедура вклучува темелна дезинфекција со бришење на сите потенцијално контаминирани блиски и подалечни површини, вклучувајќи го и одржувањето на потребното и ефективно време на изложување на избраниот дезинфициенс на површината. Чистењето и облеката на сите членови на тимот мора да се отстрани пред да замине од салата, а целосна промена на облеката за сала е задолжителна пред повторно да влезе во операционата сала. Строгото почитување на овој кодекс на однесување ќе овозможи ефикасна функционална поделба на чисти и контаминирани хируршки процедури без да се загрози безбедноста на пациентот. Овие сите податоци се од голема важност за организација на просторот, пристапот и припремата на пациентите и оперативниот тим. Податоците во проектната задача не наведуваат на тоа.
- Дијагностичките функционални единици немаат податок за бројот на снимања, бројот на персонал која работи во одделот за радиологија и на пр: не е јасно каков тип на рентген снимања ќе се вршат (глава, стомак, раце, нозе и сл.). Истите, како и за сите погоре наведени функции, се потребни за одредување на, т.н. во проектната задача, придружни простории, кои зафаќаат значителен простор во сите единици.
- Многу прашања треба да се одговорат за да се предвиди централна стерилизација и субстерилизација и пак со сите потребни содржини. На пр: колку сетови на инструменти треба дневно да се репроцесираат, колку скопии се проектирани за дневно процесирање, колку процедури на дневна хирургија се предвидени, колку работни места/позиции се предвидени во стерилизација. Ова сѐ, особено заради тоа што централната стерилизација мора да има посебно гардеробирање, посебен пристап, простор за колички и сл.
- Кога сме кај администрацијата, освен податокот дека треба да се сместат 30 лица, нема податок за бројот на упати во амбулантниот, лабораторискиот и одделот за радиолошка дијагностика, за да може да се предвиди соодветна архива. Имајќи ги во предвид новите начини за користење на податоци, не е предвиден простор за PACS и BMS.
Просториите за лекари и останат медицински персонал и просториите за хигиеничарки со трокадеро не треба да се дел од посебни простории за персонал, туку дел од секоја функционална единица посебно (лабораторија, аптека, болнички оддел итн.) и истите не е можно да се дефинираат бидејќи не е специфициран нивниот број.
- Истата непознаница се јавува како пречка за дефинирање на различниот магацински простор, а тоа е бројот на упати во амбуланти, лаборатории, аптека, радиолошка дијагностика, трансфузија. Магацинскиот простор за ваква болница е многу обемен и често се занемарува, па затоа во сите простори, коридори и слично често се среќаваме со кутии, пакувања, вишок столици или кревети, разна опрема за поправка и сл.
- Кога сме кај влезната партија, мора да се има во предвид дека во една болница нема задни и странични влезови, туку мора да постои јасна дистинкција на влез за лежечки пациенти, влез за амбулантни пациенти, влез за вработени, влез за ургентен центар и многу останати за достава на материјали, лекови, крвни деривати во трансфузиологија, храна (кетеринг). Исто така мора да се обезбеди посебен пристап за мртовечка кола за суптилно превземање на починати пациенти.