Земјоделците од северниот дел на Грција, од регионот на Пеонија, кусо по 12 часот по локално време повотрно го затворија граничниот премин Евзони кон нашата земја, со што целосно е во прекин сообраќајот за сите возила како за излез од Грција, така и за влез во земјата.
Непознато е колку долго ќе трае блокадата на граничниот премин, што беше периодично затворен и вчера и завчера.
Пракса на земјоделците, како и во изминатите години за време на нивните протести, е да не ги најавуваат блокадите, со оглед на тоа што тракторите и земјоделските возила се паркирани на преминот и остануваат таму, а на секојдневни состаноци, надлежните земјоделски комисии одлучуваат кога и на колку време ќе блокираат.
На грчката страна од границата, паркирани се околу 150 трактори и возила.
Земјоделците низ цела Грција имаат поставено блокади, претпладнево се обидоа да стигнат и до граничниот премин Промахонас со Бугарија, каде што успеаја да ја заобиколат полициската блокада, додека пак во областа Тесалија, каде што има блокади на неколку места на автопатот Солун-Атина, вклучени се над 4.000 трактори.

