Владимир Панчевски, претседателот на Основниот суд Скопје 1, судот кој постапува по предметот „Титаник“, првиот случај што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), тврди дека судиите од овој суд се потполно независни во своите одлуки, по коментарите во јавноста дека Судот има двојни стандарди при постапувањето за притворот.
-Судството во Основниот суд Скопје 1 е апсолутно целосно независно. Тоа работи согласно Законот и Уставот на Република Македонија, изјави тој денеска.
Панчевски во петокот вечерта беше забележан од новинарските екипи во Судот до доцна во ноќта додека се вршеше распит на дел од осомничените од „Титаник“, меѓу кои и на поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.Во однос на дел од судиите кои испратија абер дека се оградуваат од одлуките, Панчевски вели:
„Слушнав вчера дека од еден колега беше пренесено такво нешто, дури и дека јас сум бришел прашина во судот вечерта. Значи по една таква спектакуларна прес конференција на Специјалното обвинителство, можам да кажам и дека дента примив неколку луѓе кај мене, беа и претставници на странски делегации на Република Македонија. Исто така беше и еден јавен обвинител кој што постапуваше по предметот уште пред да биде поднесен во судот. Така да мислам дека моето место беше таму кај што бев. А, не знам нивното место што било таму, така да нив ќе ги прашате за тоа подетално.“
„Титаник“ е првиот предмет кој јавно го обелодени Специјалното јавно обвинителство. Во него девет лица, меѓу кои екс-министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, генералниот секретар на Владата – Кирил Божиновски и градоначалникот на Пустец – Едмонд Темелко се товарат злосторничко здружување преку кое се вршеле изборни манипулации во неколку изборни циклуси.
Специјалното обвинителство побара притвор за осум осомничени во предметот, меѓу кои и за гореспоменатите, меѓутоа судија на претходна постапка го одби барањето за притвор. Жалби за ваквата одлука на судот Специјалното обвинителство поднесе до Кривичниот совет, тој, сметајќи од денеска од 14 часот напладне, соопшти дека во рок од 48 часа ќе се произнесе за конечната одлука околу барањето за притвор.