По покана на албанскиот претседател Бујар Нишани денеска попладне во тридневна официјална посета на Албанија ќе допатува шефот на грчката држава Каролос Папуљас.
Папуљас ќе биде пречекан со сите државни почести, а официјалните средби со албанскиот државен врв ќе ги има во текот на утрешниот ден. Средбите ги почнува со Нишани, по што ќе има заедничка прес-конференција, јави дописникот на МИА од Тирана.
Двајцата претседатели ќе се обратат и на тркалезната маса посветена на албанско-грчката економија и енергетика што ќе се одржи утре во хотелот „Рогнер“.
Папуљас во вторник ќе престојува во јужниот албански град Ѓирокастро каде ќе ги посети подрачјата каде живее грчкото малцинство.
Посетата на шефот на грчката држава на Албанија се оценува како обид да се стопи мразот меѓу двете земји, кои имаат повеќе нерешени прашања, воениот закон кој Грција го има со Албанија, прашањето за Чамите, поморската граница и прашањето со топонимите.
Посетата на Папуљас се реализира по неодамнешната посета на грчкиот министер за надворешни работи Венизелос, по која и понатаму останаа отворени споменатите проблеми./МИА