Пишува: Нано Ружин

На 1 јануари 2022, по четиринаесeтти пат од конституирањето на европската институција, Франција го презеде претседавањето со Советот на ЕУ. Во својата 65-годишна историја од 1957, еврократите постојано го негуваа принципот на „отворени врати“ што доведе до продлабочување и проширување на европската конструкција.

По паѓањето на комунизмот и завршетокот на студената војна (1989), геополитичката сфера на ЕУ се прошири кон Централна и југоисточна Европа. По големиот источно-европски „бум“ во проширувањето, кога ЕУ од петнаесет порасна на дваесет и осум членки (а по Брекзитот се смали на 27), се постави прашањето на натамошното проширување на ЕУ. Меѓутоа, јавното мислење во најзначајните држави-членки на ЕУ, почна да покажува анимозитет кон натамошните проширувања. Негативната репутација на Западен Балкан како простор на нестабилност, корупција и организиран криминал уште повеќе го зајакна евроскептицизмот. Според моќниот париски провладин портал „Дипловеб“, периодот на проширување кон следниот круг значително ќе се оддолжи. Последното проширување на ЕУ се случи во 2008 во времето на претседателот Никола Саркози. Следното проширување се очекува (само ако не е печатна грешка) во 2035 „освен ако не се случи некое непредвидено проширување“, се оградува порталот Дипловеб (Diploweb.com). Доколку се навистина точни таквите толкувања, тоа значително ќе го зголеми евроскептицизмот во државите на Западен Балкан, но и ќе ја усложни и геополитичката слика на регионот. Можеби од овие перспективи полесно ќе се протолкува и политиката на „кочењето“ на С.Македонија од страна на Бугарија со смешните и ирационални аргументи преку кои се оддолжува добивањето датум за почетокот на преговорите. Од тука оправдано може да се запрашаме дали Бугарија е навистина автономна во таквата политика или дискретно и е намигнато од страна на „европските лидери“ да се создаде една контраверзна политичка агенда од серија јавни, дипломатски, медиумски, мобилизиаторски проблеми кои ќе го забават нашето приближување кон ЕУ? Таквата хипотеза не би требало да биде пречка за позитивното одвивање на претстојните билатерални средби меѓу премиерите Петков и Ковачевски, но сепак и ние имаме право на слободно размисување.

Кога е топката во нашиот камп, се прашуваме дали и натаму треба да сме наивни и да ги прифаќаме ветувачките илузии на европските функционери и да молчиме? Независно што сме млада држава каде децата како и насекаде во светот веруваат во Дедо Мраз, ниту сме наивни да веруваме во овој митски лик, ниту сме подготвени да гласаме за Дедо Мраз. ЕУ, Франција, Германија, Холандија и останатите треба да играат чесно со државите кои ги исполнуваа сите нивни барања, да го вдахнат замаецот на еврпската идеја и да докажат дека навистина стојат зад дадените ветувања. Тие ветувања датираат од 2003 од Самитот во Солун. Кој би можел во далечната 2003 да предвиди дека ќе треба да се чекаат уште 32 години за приклучување на Западен Балкан во ЕУ? Тоа е претерано долг период во политиката и меѓународните односи.

На 9 декември 2021 претседателот Макрон ги истакна приоритетите на француското претседателство, како и логото на француската тробојка проектирано низ буквата „Е“ (во црвена боја) и „У“ (во сина боја) со еден флеш кој го симболизира прогресот. Слоганот на француското претседавање со ЕУ изразен низ трилингот „покренување-сила-припадност“ беше формулиран уште кон крајот на 2020 за време на првиот бран на пандемијата. Овој слоган под едена оригинална речиси поетска форма ги означува императивите на европскиот моментум: „покренување – на европското стопанство“ (врз база на еколошката и нумеричка транзиција) „сила“, односно јакнење на силата на Европа (една стара француска амбиција) и конечно култивирање на „припадноста кон ЕУ“ која е соочена со БРЕКСИТ, популизмот, „илибералните“ тенденции и на поделбите од сите видови низ кои поминува европската политика.

За француските политичари фрустрацијата за изгубената големина се проектира преку сублимацијата на Европа како вид „инкарнација“ на некогашна моќна Франција. Затоа Е. Макрон од „европскиот суверенитет“ настојува да создаде сопствена мандра, вид цврста оска на неговата надворешна и европска политика. И неговиот претходник Саркози се втопи во европската агенда. Гордо го несеше знамето на Европа, силно ја наметнуваше сопствената личност и дури наместо два пати, пет пати го свикуваше Советот на ЕУ. Сепак европската конструкција е Левијатан со повеќе глави, каде најзначајните одлуки се поделени меѓу повеќе актери.

Така со надворешната политика на ЕУ раководи Високиот представник за надворешни работи и безбедносна политика Жозеф Борел, а не францускиот МНР Жан-Ив Ле Дриан. Тоа не значи дека Француското претседавање нема да има влијание врз приоритетите на надворешната политика на ЕУ. Секое претседавање е шанса за лидерите на државите да ги промовираат националните амбиции на меѓународен хоризонт. Така словенечкото претседавање со ЕУ, ја акцентираше агендата со земјите на Западен Балкан, но успехот беше половичен со оглед дека надворешната политика на ЕУ (проширувањето) е под командат на Високиот претставник и дипломатскиот сервис на Европската служба за надворешна акција (EEAS/SEAE), но и најзначајните држави на ЕУ кои ја изразуваат и ореинтираат стратегијата на оваа институција. Во класичниот формат во однос на состаноците со трети земји (Самити, министерски конференции..), познато е дека ЕУ ја претставува Претседателот на Европскиот Совет и Претседателот на Комисијата. Воедно и Советот за општи работи (GAC/CAG) игра значајна улога во подготвувањето на состаноците на европскиот Совет, а покрај останатото дискутира и околу процесот на проширување.

Франција по втор пат во текот на своето европско претседавање ќе се соочи со претседателските избори исто како во 1995. Французите ќе гласаат за идниот претседател на 10 и на 24 април додека во јуни оваа година следат и парламентарните избори. Почнувајки од 20 март 2022, францускиот претседател и министрите нема да можат да учествуваат во работата на ЕУ освен за одредени императивни дипломатски настани како што е годишната конференција на европскиот Совет во Брисел и останатите помошни тела на ЕУ. Француската администрација во време на изборите не предвидува претседателска или министерска средба на ниво на ЕУ. Сепак тоа не значи дека активноста на француското претседателство со европскиот Совет ќе се сведе на само два месеци. Средбите на Советот се предвидува да бидат одржани на 24-25 Март и на 23-24 јуни во Брисел. Исто така и Комисијата, работните групи, средбите на COREPER, Европскиот парламент ќе продолжат да функционираат, со учество на француските функционери.

Франција како еден од најмоќните мотори на ЕУ со буџет од преку 150 милиони евра ке организира околу 400 политички, културни и административни настани, и ќе ја мобилизира целата дипломатска мрежа за време на одржувањето на „ноќта на идеји“ предвидена за 27 јануари 2022. Француската агенда предвидува воспоставување на амбициозен енергетско-климатскиот пакет, потоа пакет посветен на проблемот на имиграцијата и азилантите, зајакнување на конструкцијата на одбранбена Европа, земјоделски и здраствени реформи, иницирање на Унијата за Средоземејто, како и за постојаното потсеќање на “посуверена Европа“ која со пософистицирана контрола на границите ќе ја зголеми безбедноста на ЕУ, натамошен развиток на моделот на климатската агенда, нумеричката моќ и социјалните димензии, како и напори за воспоставување на една хумана Европа, преку одржувањето на Конференцијата за иднината на Европа, (Мај 2022).

Она што најмногу ги интересира народите на Западен Балкан, е перспективата за проширување на ЕУ. Се добива впечаток дека оваа агенда е запоставена, можеби и заради претседателската кампања во Франција, држава во која популистите на чело со Ерик Земур и Мари Ле Пен се против проширувањето, исто како и француското јавно мнение. Евроскептицизмот кој го изразува порталот Дипловеб со утописката 2035 (доколку не се работи за печатна грешка) е загрижувачки и затоа нашата дипломатија, но и останатите дипломатии на „Отворен Балкан“ ќе мораат да покажат зголемен интерес за искрените намери на ЕУ и Франција околу прашањето на проширувањето.