Во Украина утрово во осум часот по локално време се отворени избирачките места на првите вонредни парламентарни избори, после масовните улични протести во Киев минатата зима, кога тогашниот проруски претседател Виктор Јанукович беше принуден да побегне и беше воведена проевропска администрација на претседателот Петро Порошенко.
За 450 места во парламентот се натпреваруваат 29 партии, но само за неколку од нив се очекува дека ќе го минат потребниот цензус за да добијат пратеничкото столче.
Распуштениот парламентарен состав работеше само две години. Во последните месеци дојде до длабока политичка и економска криза, после што украинскиот претседател го распушти парламентот на 25 август, три месеци откако ја зајакна власта и еден месец откако се распадна провладината коалиција со повлекувањето на УДАР и Свобода од коалицијата, објавува руската агенција ТАСС.
Гласањето нема да се одржи во 15 изборни окрузи во Доњецката и Луганската област на истокот на Украина, се наведува на Интернет страницата на Централната изборна комисија.
Најновите анкети покажуваат дека проевропскиот блок на Порошенко е во водство. Според истражувањето на јавното мислење само четири од 29 политички групи, колку што учествуваат во изборната трка со 3.114 кандидати на партиските листи, би можеле да го минат цензусот од пет отсто потребен за влез во 450-члената Врховна рада.