Ана Павловска- Данева денеска излезе со реакција за обвинувањата на Антикорупциска дека има конфликт на интереси во нејзината пратеничка функција и професурата:
-Денар не сум земала од Правен Факултет. Точно е дека предавав, без надомест- за што имам писмено одобрение од претседателот на Собрание Трајко Вељановски, како и од Научно-наставниот совет на Правниот факултет, изјави таа за НОВА.
Павловска- Данева додава: Се работи за груба манипулација на јавноста од страна на Антикорупциска, која тенденциозно, ступидно и без познавање на законите за Високо образование и за пратеници, ме обвинува без никаква основа.
По автоматизам, по добивањето на пратеничка функција прекинува работниот однос на Правен, што е одлука на Министерството за финансии, а моите повремени предавања, кои не се воопшто платени се засноваат на оценката на евалуација на студентите 4,9 од можната оценка 5, вели Павловска- Данева за НОВА.
Како што стои во соопштението од Антокорупциска објавено на нивниот сајт, Данева спротивно на Законот за спречување на судир на интереси, истовремено е пратеник во Собранието и предава на Правниот факултет во Скопје, за што како што велат од Комисијата, добива паричен надоместок.
Судирот на интереси е констатиран поради тоа што во законот за пратеници е утврдено дека функцијата пратеник се обавува професионално и е неспоива со вршење на други јавни функции или професии кои се неспоиви со функцијата пратеник и не може да обавува каква и да е друга дејност што носи профит.
Од страна на Антикорупција било доставено известување до Данева во кое било побарано таа да се откаже од едно од работните места односно од обавувањето професорска дејност или од пратеничката функција.