Иван Пешевски: Премиере, Ве слушам деновиве како не`навредувате нас работниците. Велите дека нашиот протест е „политички мотивиран“.
Да сме, бидејќи кога ќе го отвори работникот фрижидерот и тој е празен – тоа е политика. Кога работникот нема пари за лекови – и тоа е политика. Кога македонските работници работат за најниската плата во Европа тоа е политика и тоа ваша политика.
Вие арогантно стоите пред камерите во костум кој чини 2.000 евра. На раката носите часовник кој вреди повеќе од годишната заработувачка на една текстилна работничка. Додека вие го местите тој скап часовник, македонските работници бројат колку денови им остануваат до исклучување на струјата.
Премиере, вие немате право да ни зборувате за политика. Вие сте тој што е „политички мотивиран“. Вие сте мотивиран од газдите во чиј скут седите. Вие сте мотивиран од профитите на оние кои нè држат во беда, за вие да можете да живеете во луксуз.
Ние не сме тука за да ја срушиме владата заради некоја партија. Ние сме тука затоа што вие ни го срушивте достоинството.
Затоа, не нè прашувајте кој стои зад нас. Зад нас стои понижениот работник. Зад нас стојат оние кои чесно работат. Зад нас стојат мајки, татковци кои бираат помеѓу лекови и храна. Зад нас народ кој веќе нема што да изгуби.
Тргнете го погледот од вашиот скап часовник и погледнете во очите на луѓето.
Ние сме последната линија на одбрана на достоинството на трудот. И затоа доаѓа нападот, етикетирањето и навредите. Не затоа што некој реално верува дека барањето плата е партиска агенда, туку затоа што власта има потреба да го претвори најчистото и најчовечкото барање во сомнеж, во срам, во „нечија туѓа игра“.
Државата што го замолчува работникот, а си дозволува комфор и раскош како да нема криза, ќе се соочи со гневот на народот. Не запираме и не се откажуваме.
И последно ви порачуваме. Не се обидувајте да не делите, не праќајте емисари да не заплашите затоа што веќе нема што да изгубиме. Го бараме само она што ни следува – достоинствен приход за нашиот труд. Од тоа нема да се откажеме.
Извор: Фејсбук



