Скопје утрово се најде на второто место на листата на најзагадени градови во Европа, според податоците на платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју-ер“ (IQAir).
Главниот град на Северна Македонија е рангиран и на 15. место во светот, со индекс на загаденост од 159. Пред Скопје во Европа се наоѓа само Сараево, кое бележи значително повисок индекс од 297.
Според платформата, квалитетот на воздухот во Скопје моментално е во категоријата „нездрав“, а како главен загадувач се посочуваат ПМ 2,5 честичките. Нивната концентрација изнесува 66,4 микрограми на кубен метар, што е 13,3 пати над препорачаната годишна вредност според Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево во моментов е втор најзагаден град во светот и прв во Европа. На врвот на светската листа се наоѓа Лахор во Пакистан, по што следуваат Сараево, Делхи, Дубаи и Калкута. На листата на најзагадени градови пред Скопје се и Кувајт, Багдад, Карачи и Сантијаго.
И мерните станици прикажани на страницата на Министерството за животна средина покажуваат загадување во Скопје и во уште неколку градови во земјава. Според мерењата, најлош во моментов е воздухот во Центар, категоризиран како „многу лошо“, потоа е Лисиче.
Големо е загадувањето и во Тетово, Кичево, Охрид, Велес и Битола.

