Како што ексклузивно објави НОВА, битката за спасување на животот на десетмесечното бебе започна на Клиниката за детски болести каде што бебето било донесено со грчеви, тресење, температура, а доктор Аспазија Софијанова која го лекуваше, организира бебето кое е швајцарски државјанин, безбедно да биде однесено во Швајцарија

Швајцарските здравствени власти потврдија прва смрт на дете од Ковид-19. Бебето кое починало од можни компликации од инфекција на коронавирус и е прв случај од ваков вид во Швајцарија, е всушност десетмесечното бебе кое од Клиниката за детски болести во понеделникот ноќта, со специјален авион беше однесено во Швајцарија.

Веста која ја објавија швајцарските медиуми ја потврди Стефан Кустер, шеф на одделот за инфективни болести при Сојузната канцеларија за јавно здравје, на прес-конференција во швајцарската престолнина Берн, синоќа (петокот 29 мај).

Тој потврди дека бебето чии родители живеат во кантонот Аргау се заразило со коронавирус во странство и дека случајот се истражува. Кустер не кажал повеќе детали за случајот и дали вирусот е директна причина за смртта.

„Еден тажен настан, треба да ја пријавиме смртта на едно дете. Бебето кое живееше во кантонот Аргау, се заразило во странство “, изјави за медиумите Стефан Кустер од Федералната канцеларија за здравство (БАГ).

Кантоналниот доктор на Аргау, за швајцарската национална телевизија СРФ изјави дека бебето починало по воспаление на мозокот и се бара причината за смртта и поврзаноста со Ковид-19.

„На 26 мај бебе помало од една година, беше пренесено од Рега во Детската болница во Цирих. Бебето беше исклучително болно и беше тестирано позитивно на Ковид-19. Бебето имаше сериозен менингитис. Многу вируси можат да предизвикаат ваков вид на заболувања. Во моментов не можеме да кажеме која е точната причина за смртта“, објасни Хумел и посочи дека случајот се истражува.

Со ова, швајцарските лекари и здравствените власти ги потврдија нашите сомневања во однос на можната поврзаност на Ковид-19 со мозочното страдање кај бебето.  НОВА дојде до извештајот од КТМ, каде што меѓудругото стои дека има„ интравертикуларни маси и нагласен интерен хидроцефалус“, како и тоа дека се потребни понатамошни испитувања.

Тука во Македонија не е направена магнетна резонанца бидејќи бебето беше позитивно на Ковид-19, а во тек беа преговорите за тоа да биде транспортирано во Швајцарија каде што требаше да бидат направени сите потребни и дополнителни испитувања.

д-р. Аспазија Софијанова, Клиника за детски болести

Според, проф.д-р Аспазија Софијанова која го третираше десетмесечното бебе во текот на тие 24 часа пресој на Клиниката за детски болести и го организираше и договараше преземањето на бебето од тука, швајцарскиот медицински тим уште на скопскиот аеродром ноќта во понеделникот на 25 мај ( пристигнале во 23 часот и 22 минути), му земале крв на бебето, а таму веднаш по пристигнувањето му била направена магнетна резонанца и сите потребни дополнителни испитувања.

Бебето било во исклучително тешка состојба, приклучено на апарати за дишење и по два дена починало. Швајцарските лекари за случајот ја известија и доктор Софијанова. Тие биле задоволни од начинот како било третирано бебето тука, на Клиниката за детски болести.

„Жал ми е за детето, но со ова се потврдија нашите сомнежи за состојбата со ценралниот нервен систем (мозокот) кај бебето и поврзаноста со инфекцијата од Ковид-19.  Успеваме да издејствуваме швајцарските колеги да го испитаат случајот и да ја објаснат, да ја доевалуираат поврзаноста меѓу промените во мозокот со Ковид-19 , како редок случај. Овие испитувања ќе бидат објавени како нивен случај, во светските научни и медицински списанија“, изјави за НОВА, проф.д-р. Софијанова.

Како што веќе објави НОВА, во исто време кога бебето со специјален медицински авион беше префрлено во Швајцарија, неговата баба која го чувала бидејќи родителите живеат во Швајцарија,(и бебето е швајцарски државјанин), со возило на Итна медицинска помош била префрлена на Инфективна клиника бидеќи и таа била позитивна на Ковид-19. Таа вчера е пуштена на домашно лекување бидејќи тестот се покажал негативен по неколку дена, што за инфектолозите е знак дека инфекцијата со Ковид-19 ја имала со денови или недели, претходно. Дали за тоа време, толку долго инфекцијата била присутна и кај бебето, по што направила компликации на мозокот, ќе покажат испитувањата во Швајцарија.

Сега, после ова здравствените власти во Македонија имаат уште еден кластер за кој ќе мора да се утврдат конатактите и тие да се стават во во самоизолација.

НОВА, пред два дена објави дека десетмесечно бебе во тешка и многу комплицирана здравствена состојба било донесено во неделата попладне на Клиниката за детски болести. Бебето имало висока температура, грчеви и нарушена свест, а на клиниката било примено заедно со неговата баба која го чувала бидејќи неговите родители живеат во Швајцарија.

Вистинска драма се случувала на клиниката за спасување на животот на бебето, утредента кога се покажало дека бебето има некаква туморозна маса во мозокот, за што во извештајот до кој дојдовме, стои дека се “интравертикуларни маси и нагласен интерен хидроцефалус“, за што рентгенолозите -лекари препорачале понатамошни испитувања.  Во исто време се потврдило дека и тоа и неговата баба се позитивни на Ковид-19.

Истиот ден, ноќта беше отворен скопскиот аеродром и лекарскиот тим од швајцарскиот Клинички центар дојдоа и со специјален медицински авион го префрлија бебето во Цирих.