Оскар де ла Рента, еден од најпопуларните модни дизајнери во светот почина вчера на возраст од 82 години. Тој боледуваше од рак од 2006 година, а американските медиуми во последниот месец го опишуваа неговото здравје како влошено. Официјалните причини за смртта се уште не се соопштени.
Познат по тоа што ги облекуваше славните, од актерки до политичарки, Оскар де ла Рента минатиот месец го имаше својот последен момент на слава кога го креираше венчалниот фустан на Амал, сопругата на Џорџ Клуни.
Но, вистинската слава за дизајнерот која ќе го следи целата кариера овој дизајнер ја доживува во 1960 година кога ја облекува Џеки Кенеди.
Оскар де ла Рента е роден во Домикинаската република во семејство со седум деца. На возраст од 18 години ја напушта татковината и оди во Шпанија да студира уметност. Таму ја развива љубовта кон модата. Кога Џеки Кенеди почнува да ги носи неговите, како што критиката ги нарекува ултраженствени и класични дизајни, тој станува популарен.
Во 1965 ја лансира својата прва мода линија. Оскар де ла Рента во својата кариера ги облекува Опра Винфри, Сара Џесика Паркер, Џенифер Гарнер и многу други. Беше сакан и од жените политичарки, па неговите креации ги облекуваа, покрај Џеки Кенеди и Ненси Реган, Хилари Клинтон, Мишел Обама.
„Сакам да правам облека која луѓето ќе ја носат, не стилoви кои единствено ќе направат голема сензација на модната писта“, велеше дизајнерот. „Модата е во тоа да се облекувате во согласност со тоа што е модерно. Стилот, од друга страна, е повеќе во врска со тоа да бидете свои“.