Инспекторат на Град Скопје во соработка со МВР, ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Улици и патишта“ денеска почна голема акција за расчистување на дивата депонија на улица „Александар Урдаревски“ во општина Бутел, соопштија од Град Скопје.
Оваа дива депонија е откриена при вонреден инспекциски извршен на 26.07.2019 година. На лице место беше констатирано незаконско депонирање на комунален отпад, градежен шут и земја. За оваа дива депонија за првпат во историјата на Град Скопје е поднесена кривична пријава за неовластено фрлање смет врз основа на Кривичниот законик.
Акцијата на расчистување на дивата депонија и враќање на теренот во првобитна состојба почна денеска бидејќи лицето не го спроведе издаденото решение и рокот од Градскиот инспекторат за расчистување. Против него е поднесена кривична пријава и ќе ги сноси трошоците за расчистувањето на дивата депонија.
Од Град Скопје најавуваат дека засилените контроли на Градскиот инспекторат ќе продолжат и во наредниот период за спречување на несовесно постапување со отпадот и создавање на диви депонии кои ја загрозуваат животната средина.