фото: Александар Закарченко, премиер на Народна Република Доњецк
Самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР) во согласност со Луганска народна република од денеска воведува „Режим на тишина”.
Ова за руските и украински медиуми го изјави премиерот на ДНР Александар Захарченко.
-Од денеска треба да стапи во сила „режимот на тишина”, ќе трае пет дена, а ќе започне и повлекување на артилеријата и борбената техника, изјавил Захарченко.
Според него, борбената техника ќе биде под контрола на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
Вицепремиерот на ДНР Рави Халиков соопшти дека постигнат е договор со украинските власти за границата на поделба на страните.
Претседателот на Советот за национална безбедност и одбрана (СНСО) на Украина Андреј Лисенко засега не ја потврдил информацијата за склучување на договор за границата.
Захарченко рече дека оваа недела ќе се обидат да создадат демилитаризирана зона меѓу двете завојувани страни. Според него, границата на тампон зона ќе биде на линиите каде се воделе борби на 19 септември.
Во меѓувреме, како што јавува Франс Прес, во Донецк во последните 24 часа при бомбардирање загинале најмалку три лица, а четворица се повредени.