Почна руската офанзива во Донбас, изјави утрово висок украински функционер, додавајќи дека Русија продолжува да концентрира трупи на истокот на Украина.
„Големата руска офанзива во источна Украина, според мене, започна. Мора да разбереме дека ова нема да биде повторување на 24 февруари. кога почнаа првите воздушни напади и експлозии“, изјави Вадим Денисенко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, за државната телевизија.
Украински и западни официјални лица велат дека значајни маневри на руските сили кон Донбас се забележани во последните денови, откако Русија не успеа да го освои Киев.
„Русите трупаат сили и опрема во Доњецк и во Луганск. Сè уште нема големи борби за кои толку многу се зборуваше последните денови, но генерално кажано, можеме да речеме дека офанзивата веќе започна“, додаде Денисенко.
Советникот на украинскиот министер синоќа изјави дека одекнале експлозии во областа Дњепропетровск и додаде дека продолжува гранатирањето на Харков, вториот по големина украински град.
Сергеј Гајдаи, шеф на воената администрација во Луганск, рече дека украинските власти организираат „забрзана евакуација“ од Донбас, додавајќи дека за денеска се закажани повеќе возови за евакуација од Луганск и Доњецк.