Филмовите зборуваат за денешницата и се многу политички ориентирани. Тие го истражуваат нашиот морал, чувство, хуманост, нашата храброст кога ќе се соочиме со ситуација во која треба да кажеме „не“ – со овие зборови директорот на Канскиот фестивал, Тиери Фремо, ја најави годинешната програма, која официјално ќе биде отворена со продукцијата на „Мадам ди Бери“ вечерва на Кроазета.
Историската драма во која глуми Џони Деп е шестиот игран филм на режисерката и актерка Мејвен Ла Беско, која исто така глуми во филмот. Ја раскажува приказната за бурните односи меѓу францускиот крал Луј XV и неговата љубовница Мадам де Бери, која ја донел во Версајската палата да живее во негова близина, иако таа не била од благородничко потекло.
Изборот на првиот филм предизвика многу контроверзи бидејќи тоа беше првата главна улога на Џони Деп по судењето на Амбер Херд.
Фремо во големото интервју за „Варајети“ ги демантираше причините за полемиката.
„Доколку на Џони Деп му забранат да работи, ќе беше поинаку, но тоа не е така. Знаеме само едно – дека тој го доби судскиот спор. Ова не е филм за Деп“, изјави Фремо.
Директорот на фестивалот, исто така, одговори на прашањето за новиот филм на Вуди Ален што не беше на овогодинешната програма, велејќи дека и покрај тоа што го гледал, тој не ја избрал криминалистичката романса на француски јазик на Ален „Coup de Chance“, делумно затоа што „ние знаевме дека ќе се крене прашина ако неговиот филм беше прикажан во Кан“.
Дел од фестивалот нема да биде ниту новиот филм на уште еден контроверзен режисер Роман Полански, „Палата“.
По критиките дека немаат многу жени во нивниот избор, Кан ќе го собори сопствениот рекорд со шест филмови во режија на жени. Меѓу нив се „La Chimera“ од Алиша Рорвачер, „Club Zero“ од Џесика Хауснер, „Минатото лето“ од Кетрин Брија, „Anatomie d’une chute“ од Џастин Триет, „Banel et Adama“ од Рамате-Туле Си и документарен филм на Каутер Бен Хани „Четири ќерки“.
„Светската кинематографија се менува, бидејќи носи друга перспектива, перспективата на жената. Со децении го гледаме машкиот поглед на се и секого, а сега гледаме жени кои на поинаков начин ги прикажуваат машките и женските ликови“, кажа Фремо.
Познатиот холивудски актер Мајкл Даглас е лауреат за почесната Златна палма за животно дело, која вечерва ќе му биде доделена на свеченото отворање на ревијата на Кроазета, а водителка ќе биде актерката Кјара Мастројани, ќерка на Катрин Денев и италијанскиот актер Марчело Мастројани. Инаку, заштитно лице на фестивалот годинава е француската актерка Катрин Денев со нејзиниот огромен портрет на влезот од палатата. Црно-белата фотографија е од 1968 година од продукцијата на „La chamade“ во режија на Ален Кавалие.
Даглас е лауреат поради неговата „блескава кариера, како и неговото учество во светот на кинематографијата“, објавија организаторите во Кан.
„Секогаш е освежување да се биде во Кан. Овој конкретен фестивал е прекрасна платформа за смели филмаџии, уметничка смелост и одлично раскажување приказни“, рече Даглас.
Во чест на Даглас, Канскиот фестивал од 14 до 16 мај ќе ја емитува премиерата на документарниот филм на Амина Местари „Мајкл Даглас, блудниот син“ на својата официјална веб-страница.
Шеф на жирито годинава е Рубен Остлунд, режисер на наградуваниот филм „Триаголник на тагата“.
„Мислам дека ќе имам многу шведски пристап кога е во прашање управувањето со жирито. Тоа ќе биде демократија. Не ми е грижа за успехот. Многу повеќе ме интересира кога не успеваме како луѓе отколку кога успеваме“, рече тој и додаде:
„Важно е да го поддржам она за што се залага Кан. Тоа е светски фестивал кој е на барикадите во борбата за кино и уметност и има провокативен пристап кон филмот“.
Во главната натпреварувачка програма на фестивалот ќе настапат и бројни италијански режисери како Нани Морети со филмот „Сонцето на иднината“. Тука е и Вес Андерсон со „Астероид град“, како и Вим Вендерс кој ќе се претстави со „Совршени денови“, а Карим Аинуз со филмот „Firebrand“.
Светската премиера на филмот „Индијана Џонс и артефактот на судбината“ на режисерот Џејмс Манголд со Харисон Форд во легендарната улога ќе се одржи на 18 мај, каде што филмот ќе биде прикажан вон конкуренција, а фестивалот ќе му оддаде посебна почит на Форд.
Краткиот филм на Педро Алмодовар „Чуден начин на живот“ ќе биде прикажан во Официјалната селекција.
Ова е првиот вестерн во филмографијата на шпанскиот режисер, во кој нема каубојци кои ги освојуваат жените, туку приказната се врти околу машката љубов. А тие двајца мажи кои се сакаат ги играат Итан Хоук и Педро Паскал.
„Ова е приказна за машкоста во длабока смисла, бидејќи вестернот е, сам по себе, машки. Но, таква геј љубов не сте виделе“, објаснил режисерот.
Покрај „Индијана Џонс“, надвор од конкуренција ќе биде и новиот филм на Мартин Скорсезе „Убијци на цветната месечина“. Приспособувајќи ја реномираната книга на Дејвид Гран, режисерот ги поврзува бруталните убиства на Индијците богати со нафта со белото, богато семејство Хејл во Оклахома. Очекувано, улогите ги играат Роберт Де Ниро и Леонардо ди Каприо.
Филмот со кој на 27 мај ќе го затвори годинешниот Кански фестивал ќе биде анимацијата „Елементал“ на Пиксар студио во режија на Питер Сон, кога ќе ја има и својата светска премиера. Иако долги години се слават анимациите на фестивалот во Кан, ова е прв пат престижниот филмски фестивал официјално да се затвори анимирана продукција.
Во програмската единица насловена „Cinéma de la Plage“ ќе се прикаже и реставрираната верзија на класиката и победничка од Кан, „Подземје“ од Емир Кустурица од 1995 година. Станува збор за 4K реставрација направена од TF1 Studio, со поддршка на францускиот фонд CNC, базирана на оригиналниот негативен и оригинален звук. Планирано е филмот и оваа година да биде дел од репертоарот на француските кина.
Во меѓувреме забранети се сите протести околу Кроазета и во самиот град Кан за време на фестивалот. Забранети се не само демонстрации, туку и секаков вид на јавен собир. Но, и покрај ова, синдикатот CGT, на чело со Дени Гравул, кој е и во управниот одбор на Канскиот филмски фестивал, повторно најавува големи демонстрации на 21 мај.
Но, тоа ќе се одржи на булеварот Карно, кој е далеку од Кроазета и центарот на фестивалските случувања. Тој најавува и протест на вработените во рестораните, хотелите и кафулињата пред хотелот Карлтон, чиј гостин годинава ќе биде никој друг туку познатиот режисер Мартин Скорсезе.
Извор: Н1